Раководството на Исламската верска заедница во Република Северна Македонија препорача до верниците и трговците, оваа година, да се ограничи цената на добитокот и месото. Целта на одлуката е да се излезе во пресрет на верниците во услови на пораст на цените.
Во соопштението стои дека Централната комисија за Курбан 2022 година при Ријасетот на ИВЗ на РСМ ги известува исламските верници и оваа година ќе го организира собирањето на курбани и нивното колење.
– Имајќи го предвид растот на цените на пазарот, Комисијата ги анализираше сите околности кои влијаат на утврдувањето на цената курбан. Одлучено е цената на курбанот (овен, овца) за оваа година да изнесува 150 евра, во денарска противвредност и со други валути, наведуваат од ИВЗ..
Појаснуваат дека месото од курбаните ќе се користи за прехранбени потреби во Интернатот-кујната на Медресата „Иса Беу” во Скопје, а остатокот од месото од курбаните ќе биде поделен на семејства кои имаат потреба.
Од Централната комисија за Курбан 2022 година при Ријасетот на ИВЗ на РСМ упатија и апел до сите верници да се придржуваат кон препораките. За овој празник верниците принесуваат жртвата-курбан, како симболика на приближување кон Бога. Оние верници кои принесуваат жртва, раздаваат од месото на сиромашните, соседите и роднините. На овој ден се крунисува аџилакот на аџиите кои отишле да се поклонат на Светата Ќаба во Мека.
Курбан Бајрам годинава се прославува на 9 јули и ќе биде неработен ден.