Судот во Битола се’ уште не добил барање за притвор за Алабаковски – ММС
ММС

Објавено на: 06/7/22 4:32 PM

Судот во Битола се’ уште не добил барање за притвор за Алабаковски

Синоќа приведениот осомничен потпалувач на Културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола, засега останува  во надлежност на полицијата, бидејќи до Основниот суд во Битола до 16 часот, се’ уште нема доставено барање за притвор, односно каков било иницијален поднесок.

Претседателот на Судот, Миле Димовски во краткиот телефонски разговор за ММС, рече дека течат законските 24 часа, до кога полицијата може да го задржи осомничениот.

-До овој момент до Основниот суд во Битола не е стигнат никаков иницијален поднесок за каква било постапка, рече Димовски.

Претходно во текот на денот министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски рече дека СВР Битола  има неспорни докази за сторителот и полицијата бара судот да одреди притвор.

-Лицето (Л.А., 34 години) е приведено  во полициска станица  и во моментот очекуваме да биде изнесен пред надлежниот судија на претходна постапка. МВР бара одредување на мерка притвор, бидејќи се исполнети условите. Сепак би сакал да ја дочекаме одлуката на надлежниот суд, бидејќи тоа е одлука на судот, изјави Спасовски при неговиот денешен престој во Охрид.

Во меѓувреме, јавноста со лавина од реакции, а партијата Левица утре во 18 часот закажа протест за слобода.

„Згрозени од неоврховизмот на актуелната власт и министерот Оливер Спасовски, кој веднаш побара притвор за палењето на фашистичкиот клуб, Локалниот огранок на Левица во Битола повикува на протест за ослободување на Ламбе Алабаковски!
Протестот е закажан за утре, (СРЕДА 08.06.2022 година) пред Полициската Станица во Битола, во 18:00 часот.
Бараме отфрлање на кривичната пријава поднесена против Ламбе Алабаковски.
Бараме итно процесирање на кривичната пријава на Левица против претседателот на клубот „Ванчо Михајлов”, поради излагање на подбив на македонскиот народ и предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа.
Бараме Министерството за надворешни работи да врачи протестна нота на бугарскиот амбасадор во Република Македонија, поради континуирано негирање на македонскиот народ, кое кулминираше со отворањето на клуб во чест на крвникот на македонската кауза, Ванчо Михајлов.
Ја повикуваме целокупната здраворазумна јавност, Битолчани и Битолчанки, кои се гордеат со антифашистичкото минато на градот на Стив Наумов, да покажат дека Битола е град на антифашизмот!
Слобода за ЛАМБЕ АЛАБАКОВСКИ!“, напиша организаторот на протестот на Фејсбук.