Статистиката на Народна банка го потврди познатиот факт дека пандемијата делуваше како катализатор и речиси за една третина го зголеми купувањето со платежна картичка.
Така, во 2021 година е забележан висок годишен раст од 29,1% на бројот на трансакциите со платежни картички, што придонесе за зголемување на нивното учество од 1,1 п.п. во вкупниот број плаќања, коешто достигна 58,1%, пишува Народната банка во Годишната информација за плаќањата во Република Северна Македонија во 2021 година.
„Истовремено, кредитните трансфери иницирани електронски забележаа годишен раст од 32,5%, што придонесе за умерено зголемување на нивното учество (23,2%) во вкупниот број плаќања, за сметка на намалувањето на учеството на кредитните трансфери иницирани на хартија, коишто учествуваат со 18,7% во вкупниот број безготовински трансакции“, пишува во оваа Информација.
Советот на Народната банка заклучи дека промените на навиките на граѓаните и компаниите, во вид на сѐ почесто ползување на придобивките од дигитализацијата на пазарот на платежни услуги, и натаму се видливи преку зголеменото користење на платежните картички и дигиталните канали за извршување на плаќањата. Статистиката покажува дека бројот на плаќањата преку платежните сметки на корисниците на платежни услуги во државава во текот на 2021 година изнесувал 176 милиони, што е повеќе за 26,7% од бројот на плаќањата во 2020 година.
Од аспект на инфраструктурата на плаќањата, бројот на платежните картички на крајот од 2021 година изнесуваше 2,1 милион, при што картичките засновани на бесконтактна технологија коишто овозможуваат извршување брзи и ефикасни плаќања преовладуваа во вкупниот број платежни картички (68,3%). Растот на бројот на контактно-бесконтакните картички воедно беше проследен со истовремен раст на бројот на уредите за извршување бесконтактни плаќања, на уредите на физичките места на продажба коишто поддржуваат бесконтактни плаќања, раст на бројот на банкоматите со функција за депонирање готовина, како и на уредите за електронски трансфер на средства на физичките и виртуелните места на продажба, како поддршка на сѐ поголемата употреба на дигиталните бесконтактни плаќања во текот на пандемијата на ковид-19.