Дискотеките на отворено со лиценца во Градскиот парк во Скопје да се задолжат да поднесат проект за поставување озвучување со кое звукот ќе биде единствено насочен кон подиумот, предлагаат од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар”.
Истовремено, од Шанса за Центар посочуваат дека дискотеките што се граничат со Зоолошката градина го загрозуваат животот на животните коишто се дел од ЗОО Скопје.
– Животните со години ја трпат тортурата со прегласна музика во ноќните часови кога биолошки тие треба да спијат. Загадување со звукот е најголем проблем и го загрозува здравјето на луѓето и на животните подеднакво. Се чини дека никој не размислува за овој вид загадување на градот, додаваат од граѓанската иницијатива.
Исто така, од „Шанса за Центар” апелираат до Град Скопје да размислат за доделување на лиценца што покрај тоа што носи права за дискотеките, да создаде и обврски.
-Очекуваме дека при формирање на цената за лиценците се мислело и на жителите на Скопје и на животните во Зоолошката градина. Дали има цена со која и се одзема мирот на граѓаните и на животните? Ниту една парична сума не е доволно висока кога се уништува секојдневието на животните кои се сместени во Зоолошката, но и на граѓаните кои живеат во поширокото подрачје околу Градскиот парк, истакнаа од „Шанса за Центар”.
Од таму додаваат дека со вакво задолжување на носителите на лиценци ќе се олесни функционирањето во текот на периодот кога работат, а со тоа ќе се подобри и соживотот помеѓу институциите на Град Скопје, граѓаните и угостителите.