Двајца битолчани на возраст на 27 и 28 години биле ангажирани од 27-годишен кичевчанец, кој им нарачал да подметнат пожар во автомобил на свој сограѓанин. Тројцата се притворени и против нив полицијата поднесе кривична пријава за делото „предизвикување општа опасност“. Во текот на вчерашниот ден, полицијата изврши претреси кај нив.
-На 05/06.06.2022 од страна на полициски службеници од ОВР Кичево во координација и содејство со полициски службеници од Сектор за општ и насилен криминал – Оддел за криминалистичка полиција при МВР и соработка со СВР Битола, преземени се мерки и активности за расчистување на кривично дело „предизвикување општа опасност“ по член 288 став 1, сторено со подметнување пожар на патничко возило „Ауди“, сопственост на Љ.С. од Кичево, при што лишени од слобода се Е.П.(27) од Кичево, К.Б.(28) и Љ.А.(27), двајцата од Битола. Имено, на 05.06.2022 извршени се претреси кај повеќе лица во Битола, при што, одземени се предмети поврзани со кривичното дело, а од преземените мерки е утврдено дека нарачател на кривичното дело е Е.П. од Кичево, кој веќе издржува мерка притвор за кривично дело по член 215, сторител е К.Б., а Љ.А. е помагач во извршување на кривичното дело, соопшти МВР.
Лицата се спроведени во ОВР Кичево и против нив до ОЈО Кичево е поднесена кривична пријава по чл.288 од Кривичниот законик, при што од Судија на претходна постапка и на К.Б. му е одредена мерка притвор.