Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски на официјалната прес-конференција во пресрет на утрешниот натпревар против Гибралтар, заедно со Елиф Елмас ги споделија своите очекувања за мечот од второто коло од групата во Лига на нации.
– Фокусирани сме на мечот. Не смееме да калкулираме, туку да ги избереме најдобрите и да атакуваме на трите бода. Имаме одреден број на фудбалери со проблеми, но без разлика на тоа секогаш ќе излезат тие што се најподготвени во моментов. Пристапот ќе ни биде сериозен и нема место за калкулации и експерименти. Во денешниот фудбал нема место за потценување. Со самиот податок што Гибралтар е во Лига Ц потврдија дека напредуваат. Нема ни еден процент место за опуштање. Момците се свесни дека само со максимум може да се дојде до посакуван резултат. Секој натпревар е посебен, мора посебно да се подготвите. Нема два исти натпревари, а со самото тоа нема ни исти подготовки. Ние се однесуваме со почит кон сите во нашата група, фудбалерите се свесни дека треба да го дадат максимумот. Оваа Македонија без разлика против кој ривал игра е обврзана да игра максимално, изјави Милевски.
Слично размислува и Елиф Елмас.
– Доста време помина откако игравме во Гибралтар. Домаќинот играше затворено и ни создаде проблеми. На секој натпревар мора да играме максимално, дојдовме да одиграме најдобро што знаеме и да освоиме три бода. Ни недостасуваше реализацијата во Бугарија, промашивме многу шанси. Сега ни следат три натпревари на кои реализацијата треба да биде перфектна. Ќе биде потешко да играме на вештачка трева, но без разлика на тоа ние мора да победиме, нагласи Елмас.
Натпреварот се игра утре од 18 часот на стадионот „Викторија” во Гибралтар.
МИА
фото: ФФМ