Вицепремиерката задолжена за политики за добро Владеење , Славица Грковска во денешното гостување во емисијата ,Стадион на Канал 77, вели дека се работи на Законот за потекло на имотот иако во јавноста постои впечаток дека работите тапкаат во место и дека и по две години од најавата за негово изготвување нема никакви информации , барем за некој првичен концепт.
„Јас лично и по одржаниот прв состанок со рабтната група по стапувањето на функција, побарав да не се изнесуваат никакви детали додека не се направи официјална драфт верзија којашто конечно ќе биде ставена на јавен увид,“ вели Грковска.
Нејзините забелешки се однесувале на оној прв дел од законот. Треба да се потенцира дека ова не е закон за конфискација, туку за потекло на имотот. Мора да има еден логичен процес на настаните коишто ќе ја зголемат свесноста кај граѓаните, дека секој имот што го имаат мора да биде легално стекнат и доколку не го стекнат легално, дека може да се доведат во ситуација, ако се докаже дека има голема разлика т.е стекнатиот имот е несразмерно поголем во однос на нивните примања, дека официјалните институции може да ги повикат да докажат на каков начин го стекнале тој имот. Тој момент мора да го има, а крајна инстанца е доколку се докаже дека не е легален имот, да следува негова конфискација. Дополнително треба да се подобри механизмот на начинот до кој ќе се управува со конфискуваниот имот. Доколку во понатамошната постапка се утврди дека одлуката за конфискација не била во ред, тогаш државата е должна да го врати имотот на сопственикот во првобитната состојба. Ако станува збор за објекти кои прават профит, тогаш сопственикот има право да тужи и да си бара обештетување,“ додава Грковска.
Додава дека станува збор за многу осетлива материја. Тој треба да биде заснован на три принципи.
„Да нема преклопување со веќе постоечките законски решенија. Станува збор за закон кој треба да нуди механизам за проверка на имот, надвор од кривичната постапка и да не се дозволи решенијата наместо да санкционираат корупција, да претставуваат дополнителна корупција или да се користат како рекет, на пример,“образложи Грковска при денешното гостување во емисијата Стадион на Канал 77.