Палењето на Центарот за култура „Иван Михаjлов” во Битола е уште една провокација и дел од масовната антибугарска кампања што започна веднаш по отворањето на клубот, напиша на Фејсбук потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Јотова, на неговото отворање пред еден месец, на кое учествуваше бројна бугарска делегација, беше констатирано дека единствената функција е да ја зачува бугарската култура и идентитет кај Бугарите во Северна Македонија.
-Само брзите активности на надлежните институции во најкус можен рок за откривање на сторителите ќе докажат дека кај нашиот западен сосед се почитуваат правата на Бугарите, како и на сите други националности, додаде потпретседателката на Бугарија во својата објава на Фејсбук.
Претседателот Стево Пендаровски денеска на својот фејсбук профил го осуди палењето на објектот на културниот центар на бугарската заедница во Битола.
-Најостро го осудувам палењето на објектот на културниот центар на бугарската заедница во Битола. Ваквите чинови се провокација и не одат во прилог на унапредување на односите со Бугарија, пишува Пендаровски на Фејсбук.
Тој ги повика надлежните институции да спроведат брза и детална истрага, да ги преземат сите потребни мерки, да се откријат и санкционираат сторителите
Министерката за надворешни работи на Бугарија Теодора Генчовска денеска ќе ја посети Битола по повод инцидентот поврзан со палењето на влезната врата на Центарот за култура „Иван Михајлов” во Битола, и ќе разговара со претставници на здружението, соопшти прес-центарот на бугарското МНР.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, целта на посетата е продолжување на дијалогот меѓу министерствата на двете земји за отворените билатерални прашања поврзани со спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.
Тема на разговор се и прашањата поврзани со европската интеграција на Република Северна Македонија.
МИА