Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола, заедно со екипи на СВР Битола, утрово извршија увид на лице место на опожарен објект – центар за култура „Ванчо Михајлов”.
-Првичните наоди од увидот упатуваат дека е опожарен влезниот дел од објектот. Подигнати се траги од лице место за кои јавниот обвинител издаде наредба за вештачење, се наведува во денешното соопштение од Јавното обвинителство.
Со цел откривање на сторителот, јавниот обвинител веднаш ќе издаде и наредби за обезбедување на снимките од безбедносните видео камери на самиот објект, но и на околните објекти.
Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија најостро го осуди актот на намерно палење на влезот на здружението Иван Михајлов во Битола.
„Ваквиот вандалски напад е уште еден доказ дека има многу актери кои се против постигнувањето на напредок во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија и нашата заедничка европска иднина.
Ова кривично дело не случајно е извршено на денешен ден, кога двете држави ќе остварат дијалог во функција на надминување на отворените прашања на патот на евроинтеграцијата на Северна Македонија. Надлежните органи на државата прават напори за откривање на сторителот на овој вандалски чин“.
А, делегација од Министерството за надворешни работи на Бугарија предводена од министерката Теодора Генчовска денеска и утре ќе престојува во работна посета на Северна Македонија. Посетата се реализира на покана на министерот за надворешни работи Бујар Османи, а е во функција на дијалогот меѓу двете министерства за адресирање на отворените билатерални прашања, согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, и прашањата за евроинтеграцијата на Северна Македонија.
ММС
фото: Facebook