После два месеци предупредувања од граѓаните, на Владата и текна дека треба да го контролира нереалното зголемување на цените – ММС
ММС

Објавено на: 06/4/22 9:26 AM

После два месеци предупредувања од граѓаните, на Владата и текна дека треба да го контролира нереалното зголемување на цените

После два месеци предупредувања од граѓаните и медиумите, инспекциските служби ќе контролираат дали зголемувањето на цените што се случува изминативе денови е реално или не. Од Владата велат дека одредени компании се однесуваат некоректно и неетички во однос на зголемувањето на цените и дека е нелогично зголемувањето на цените за над 20 отсто.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вчера изјави дека со особено внимание се следи се она што се случува изминатите три дена на слободниот пазар и дека набргу очекува извештај од инспекциските служби.

– Одредени компании се однесуваат некоректно, неетички и неморално кон зголемувањето на цените. Тоа набрзо ќе наиде на одговор од страна на институциите. Не можеме да прифатиме дека цена, за 24 часа може да порасне за 20 отсто, кога производствената цена не може да порасне 24 часа за 20 отсто. Сметам дека тоа е само манипулација којашто ја прават кон нашите граѓани и за тоа секако соодветно треба да реагираат инспекциските служби, изјави Битиќи во Гостивар.

Реакциите на граѓаните и предупредувањата на медиумите до институциите дека некој ја злоупотребува кризата, почнаа уште пред два месеца, но на инспекциските служби сега им текна да излезат на терен и да направат извештај.

ММС забележа дека некои маалски продавници и големи маркети дека имаа покачувања на основните производи од околу 20 проценти и покрај антикризните мерки на министерството за економија со кои требаше цените на лебот, брашното, млекото, оризот, месото и јајцата да не се зголемат.

–  Не може во голем супермаркет млекото да биде 50 денари, а во оваа продавница која ниту фискална не издава, да биде 65 денари. Воени профитери во мирно време се појавија. Замислете што ќе прават ако не дај боже имаме некој конфликт. Државниот пазарен инспекторат треба да си излезе на терен и да ги провери овие малверзации – рече револтирана пензионерка од скопската населба Капиштец.

ММС испрати прашања до Државниот пазарен инспекторат пред еден месец, но оттаму се уште нема одговор дали ДПИ ќе излезе на терен и што утврдиле инспекторите на терен. Антикризните мерки завршија, цените вивнаа до небо, а инспекторите дури сега ќе реагираат на апелот на граѓаните.

О.К.

МИА

фото: Вангел Тануровски