Модернизацијата на Армијата е круцијална и е на вистинскиот пат беше речено на сесијата наменета за одбраната, во рамките на стратешкиот дијалог помеѓу Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, во Вашингтон. На стратешкиот дијалог беше потврдена дополнителна финансиска поддршка од САД за оваа година во процесот на модернизација на Армијата и тоа со 40 милиони долари.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска во своето воведно обраќање на сесијата посветена на одбраната порача дека САД три декади се наш најблизок партнер и во развојот и во процесот на евроатлантска интеграција. Денешната нова безбедносна реалност во Европа, подвлече Петровска, повикува на уште поблиска и уште поинтензивна соработка со една цел – мир, безбедност и стабилност на евроатлантската област.
„Неоправданата руска агресија врз Украина ја промени безбедносната архитектура. Економските последици по пандемијата на корона-вирусот и незадоволството со пролонгирањето на европската интеграција можат дестабилизирачки да делуваат на Западниот Балкан и затоа потребна е интензивна активности и силен фокус на овој регион од Европа”, рече министерката. Таа додаде дека интеграциските процеси на Балканот веќе дадоа видлив резултат – членството на Северна Македонија во НАТО имаше силен стабилизирачки ефект на регионот, што е особено видливо денеска во оваа нова безбедносна реалност.
Петровска порача дека Владата и Министерството остануваат цврсто на ставот за раст на одбранбениот буџет кој годинава изнесува 1,77 проценти од БДП, а според плановите треба да достигне 2% до 2024 година, вклучително и на одредбата 20 проценти од овој буџет да биде наменет за опремување и модернизација. Министерката информираше дека во фокусот е и Лесната пешадиска баталјонска група, од која еден значаен дел – Лесниот пешадиски баталјон годинава доби позитивна оценка на НАТО оценувањето и е „борбено способен”.
Заменик-помошничката на секретарот за одбрана на САД, Лора Купер порача дека напорите за развој на армиските капацитети се за пример, што може да се види и преку инвестирањето во нова и софистицирана опрема согласно планирачкиот процес на НАТО и стандардите на Алијансата.
Купер истакна дека САД досега вложиле речиси 45 милиони долари во модернизацијата на Армијата и дека само оваа година се планира вложување од дополнителни 40 милиони долари преку програмата за воено финансирање и програмата 333.
извор: МО