Државниот завод за статистика денеска го објави третиот сет на податоци од Пописот 2021 година, којшто се однесува на образовните и економските карактеристики на населението и карактеристиките во однос на попреченост на населението, податоци за кои Симовски рече дека во суштина ќе ја покажат вистинската слика – состојба во државата со работната сила, со степенот на образование на населението, она што значи образование во тек и уште низа вкрстени податоци коишто ќе дадат многу, многу можности и за анализи, но и за конкретни употреби во реалниот живот.
– Искрено ова е огромен фонд на податоци којшто денеска го објавуваме и да можеме да ги искоментираме во една реченица е многу тешко. Она што не може да не изненади, не треба да очекуваме дека ние сме најобразованите, најекономски активното население во светот, си ги знаеме проблемите со коишто се среќаваме. Тие се реален одраз на состојбите во државата. Статистиката е тука за да ги покаже токму онакви какви што се, не онакви какви што би сакале да бидат или не онакви какви што никој од нас не посакува да бидат. Можеби некогаш ќе бидат на наше задоволство, севкупно. Некогаш ќе бидат на наше големо жалење, но ние мораме да ги објавиме реалните податоци и апсолутно такви се и овие податоци, кажа Симовски.
Податоците покажуваат дека:
- Во вкупното резидентно население на возраст од 15 години и повеќе, според писменоста, регистрирани се 18 897 или 1.2 % неписмени лица, од кои 5 517 се мажи и 13 380 се жени.
- Според највисокиот степен на школска подготовка, во вкупното резидентно население на возраст од 15 години и повеќе, регистрирани се: 23 192 лица или 1.5 % без образование, 62 129 лица или 4.1 % се со незавршено основно образование, 423 456 лица или 27.8 % се со основно образование, 672 375 лица или 44.1 % се со средно образование, 263 349 лица или 17.3 % се со високо образование, 29 654 лица или 1.9 % се со магистратура, 6 037 лица или 0,4 % се со докторат, а 45 174 лица или 3.0 % се со непозната школска подготовка.
- Според полето (видот) на највисокиот степен на школска подготовка, 189 736 лица или 18.7 % се од областа Инженерство, производство и градежништво, а само 19 044 лица или 1.9 % се од областа Информатичко-комуникациски технологии.
- Во вкупното резидентно население на возраст од 5 години и повеќе, кои се во процесот на формалното (редовно) образование: 186 570 лица или 10.7 % посетуваат основно образование, 80 378 лица или 4.6 % се во средното образование, додека 93 804 лица или 5.4 % се во високото образование, на магистратура и на докторски студии.
- Вкупното работоспособно население на возраст од 15 години и повеќе изнесува 1 525 366 лица, од кои 717 769 лица се дел од активното население , односно 608 520 лица се вработени, а 109 249 лица се невработени. Бројот на неактивните лица изнесува 768 549.
- Според највисокиот степен на школска подготовка, најмногу невработени, 56 701 лице се со средно образование од кои 34 313 се мажи и 22 388 се жени.
- Според дејноста, најмногу вработени, 123 347 лица , има во Преработувачката индустрија од кои 65 751 се мажи и 57 596 се жени.
- Во вкупното резидентно население, бројот на издржуваните лица изнесува 450 766.
- Во вкупното резидентно население бројот на лицата со попреченост изнесува 94 412 и тоа: 8 % на возраст од 0 до 14 години, 43.5 % на возраст од 15 до 64 години и 54.8 % на возраст од 65 и повеќе.
- Според видот на попреченоста, најголемо учество од 8 % или 38 499 имаат лицата со потешкотии со движењето.
- Од вкупно 839 174 станови, 531 987 станови или 63.4 % се населени, а 307 187 станови или 36.6 % се ненаселени.
- Податоците се објавени во МакСтат базата на податоци, во делот за Попис на населението 2021 на следниот линк:
https://makstat.stat.gov.mk/PXWeb/pxweb/mk/MakStat/?rxid=46ee0f64-2992-4b45-a2d9-cb4e5f7ec5ef
O.K.
фото: Вангел Тануровски