Во периодот од 2017 до октомври 2021 година, Генералниот секретаријат на Владата потпишал авторски договори со надворешни лица во вкупна вредност од 2.491.776 евра. Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) ќе поднесе иницијатива за поведување постапка за кривично гонење до Основното обвинителство – Скопје против поранешните генерални секретари на Владата, Драги Рашковски и Мухамед Зекири. Двајцата, според сознанијата на Антикорупција за време на извршување на нивната службена должност сториле кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, во врска со склучување авторски договори од страна на Генералниот секретаријат со лица од надвор.
Во текот на 2017 година, биле склучени 93 вакви договори, во 2018-та, 118, во текот на 2019 година – 103 авторски договори, во 2020 -та 118 и до октомври 2021 година, вкупно 78 договори.
На денешната седница од ДКСК објаснија дека законска основа за оформување на овој предмет била објавата во медиумите дека Владата за потребите на Генералниот секретаријат заради извршување специфични ангажмани врз основа на авторски договори ангажирала поголем број физички лица надвор од редот на вработените, при што биле исплаќани хонорари, кои само за еден месец изнесувале над 37 илјади евра односно над милиони евра за 2019 и 2020 година.
Според одговорот од Генералниот секретаријат на 31.10.2021 година вработени во редовен работен однос биле 253, преку авторска Агенција во тој момент биле 54, а отстапени работници преку приватна Агенција 18 и ангажирани преку договор за дело осум лица.
Генералниот секретаријат пред склучување на договорот, укажуваат од ДКСК, писмено се обраќал до авторската Агенција, од која барал склучување авторски договор со конкретни лица, чии лични податоци се содржани во барањето, во кое се наведени задачите што лицето ќе ги извршува, месечниот надоместок, периодот на ангажманот… Во периодот од 2017 до 2021 година од Генералниот секретаријат до Агенција за интелектуална сопственост „Артпицк“ испратени се повеќе од 170 барања за изработка и склучување авторски договори со конкретни лица.
Врз основа на расположливите податоци, ДКСК има сознанија дека во периодот од 2017 година до 2021 година врз основа на овие авторски договори од страна на Генералниот секретаријат биле исплатени најмалку 153 милиони 244 илјади 219 денари.
Во 2017 година биле исплатени 15 милиони денари, во 2018 година 44 милиони денари, во 2019 година 35,500 милиони денари, во 2020 година 33,500 милиони денари и во 2021 година 24 милиони денари.
Од ДКСК укажуваат дека врз основа на документација која им била дадена на увид, доминантна е застапеноста на ангажмани за подолг период за што се вршени повеќекратни исплати, еднаш месечно и по лица, за извршување задачи.
– Во секој од посочените периоди на ангажирање лица од страна на Генералниот секретаријат врз основа на авторски договори, му претходело склучување договор со авторска агенција по спроведена постапка. Во спроведени девет постапки за јавна набавка на услуги од авторска агенција од 2017 година до 2021 година биле склучени девет договори со истата агенција за интелектуална сопственост, која во сите постапки понудила иста цена на провизија, што била критериум за избор од 0,01 процент од бруто надоместокот по поединечно склучен договор, појаснуваше претседателката на Антикорупција.
Вредноста на поединечно склучените договори во 2017 година со ДДВ е 2.288.136 денари, во 2018 година 2.700.000 денари, во 2018 година 4.576.000 денари, во 2019 година 270.000, во 2020 година околу еден милион денари и во 2021 година 270 илјади денари.
Антикорупција се стекнала со сознанија дека од страна на лицата ангажирани врз основа на авторски договори, со различно времетраење, од кои дел се продолжувани со анекси, извршувани се повторливи дневни задачи и активности за потребите на Генералниот секретаријат.
– Мал дел од активностите, од кои најголем дел се извршени во период од повеќе месеци, се поврзани со задачи вршени во насока на креирање на интелектуален труд, кој би можел да се квалификува како авторско дело, согласно дефиницијата на Законот, рече Ивановска.
Дел од описите, наведе Ивановска, се следни: анализа на информации и податоци за изготвување извештај за елаборирање и советување, при што се ангажирани повеќе лица во различни области и тоа економија, право, финансии, ревизија, енергетика, градежни работи, презентација, промоција, оперативно – техничка поддршка, европски прашања, подобрување на бизнис климата во државата, реформски приоритети од областа на техниката, имплементација на акциски планови, геодезија, организација на средби со потенцијални инвеститори, за Медиа центарот во Владата, за салата за состаноци на Владата, од областа на надворешна политика, активности поврзани со односи со медиуми, медиумски мониторинг и прес активности, организација на настани, анализа поврзани со медиумско известување, проекти за искористување на ИПА фондовите, за преводи на Генералниот секретаријат, координација на евроинтеграциите…
ДКСК смета дека со тоа не се подразбира креирање на авторско дело, туку се работи за преземање конкретизирани и повторливи дејствија на дневна основа. Претседателката на ДКСК, Ивановска како пример ги наведе присуство на седници и креирање записници, присуство на средби и состаноци, постапување по предмети од различни области, креирање содржини за веб страна и социјални мрежи, анализа на настапи во медиумите, фотографирање и организација на настани, давање редовни консултации, организација на обуки, контактирање на надворешни стани, ИТ одржување и слично…
МИА