На престојниот референдум може да гласаат и граѓаните кои тој ден ќе наполнат 18 години – ММС
ММС

Објавено на: 09/21/18 9:49 AM

На престојниот референдум може да гласаат и граѓаните кои тој ден ќе наполнат 18 години

На престојниот референдум ќе може да гласаат и граѓаните кои и тој ден ќе наполнат 18 години, информираат од ДИК. Генералниот секретар на Државната изборна комисија, Добре Јанчев образложува дека МВР доставува податоци за сите граѓани кои ќе станат полнолетни на овој ден и истите се стекнуваат со избирачко право кое може да го искористат.

„Мора да поседуваат важечка лична карта од причина што доколку ја нема важечката лична карта, ние односно Министерството за внатрешни работи нема официјален службен податок за тоа полнолетно лице на која адреса е пријавено“, изјави Добре Јанчев, Генерален секретар на Државната изнорна комисија.

За да може да се оствари гласачкото право мора да се поседува важечка лична идентификација. Но што е со оние лица кои по затварање на избирачкиот список навршиле 18 години?

„Изборниот законик е доста прецизен во некои делови, прецизен е и во овој дел во избирачкиот список за соодветното гласање се наоѓаат сите граѓани на Република Македонија кои ќе навршат 18 години и на самиот ден на гласање“, вели Јанчев.

Избирачкиот список е „вечна тема“, вели генералниот секретар на ДИК, Добре Јанчев. Тоа е јавна исправа, вели  податоците кои се наоѓаат на списокот ги добиваат од други институции. Но признава дека самиот избирачки список има и недостатоци кои се однесуваат на  адресните податоци.

„Иско како што е факт и дека граѓаните малку потешко ги менуваат своите навики дека мора да сменат адреса, место на живеење, едноставно по автоматизам тоа не сакаат да го сменат па доаѓаме во ситуација да одредени граѓани гледаат на нивната адреса има и други луѓе кои не ги познаваат. Тие луѓе не се фантоми, тоа се живи, здрави луѓе, граѓани на Република Македонија кои некогаш биле пријавени на таа адреса по било кој основ“, вели генералниот секретар на ДИК, Јанчев.

Од Државната изборна комисија велат дека граѓаните не треба да бидат подложени на притисоци кога станува збор за нивното избирачко право. Граѓаните се тие кои одлучуваат со нивното изјаснување на референдумот како понатаму да се движат работите во државата. Тие се во центарот  и ги имаат двете алатки во раце „ЗА“ или „ПРОТИВ“.