Поројниот дожд што ги зафати населените места во Општината Лозово го отсече селото Ѓуземелци, додека водата за пиење од синоќа не е за употреба, поради тоа што е заматена.
Ова е билансот од третото невреме, што во рок од една недела ја зафати малата рурална општина Лозово. Екипите на јавното претпријатие до доцна во ноќта го расчистуваше патот во должина од 300 метри, кој беше целосно блокиран од насобраниот песок и кал.
Дваесетте жители на Ѓуземелци останаа и без струја.
На штетите во Лозово им нема крај, Градоначалникот Бошко Цветковски кажа дека настрада и бунарскиот систем за водоснабдување.
– Водата за пиење од бунарскиот систем е заматена. Настана мешање на плитките со длабинските води и ни е потребно да бидеме што побргу врзани за ХС Злетовица, која ќе биде независна од овој систем, рече Цветковски.
Во трите последователни стихии, во Лозово настрадаа посевите, лозјата, пластениците, има поплавени куќи, во што настрада покуќнината, автомобили и соларни колектори.
Штетите ги утврдуваат две формирани комисии, по што ќе се побара помош од Владата.
Објавено на: 06/1/22 8:46 AM