Договорот на ЕУ за забрана на увоз од Русија ја зголеми цената на нафтата на 124 долари за барел – ММС
ММС

Објавено на: 05/31/22 4:04 PM

Договорот на ЕУ за забрана на увоз од Русија ја зголеми цената на нафтата на 124 долари за барел

Цените на нафтата денеска се зголемија на 124 долари, поттикнати од договорот на ЕУ за забрана на увоз на руска нафта од бродови и најавата за укинување на пандемиските ограничувања во Шангај, индустрискиот и трговски центар на Кина.
На лондонскиот пазар, цената на барелот во договорите со рок на испорака порасна во јули за 2,11 долари од претходното затворање, на 123,78 долари. Во договорите со рокови за испорака во август, се зголеми за 1,57 долари, на 119,17 долари.
На американскиот пазар со барел се тргуваше за 3,46 долари поскапо, по 118,53 долари.
Трговците денеска се фокусираа на договорот на лидерите на ЕУ за забрана на увоз на руска нафта со бродови, која сочинува 90 отсто од вкупниот увоз. Тоа е најтешката санкција што Унијата и ја воведе на Москва од почетокот на руската инвазија на Украина кон крајот на февруари.
Увозот на сурова нафта постепено ќе се намалува во текот на шест месеци, а увозот на деривати за осум месеци. Забраната нема да вклучува нафта испорачана преку гасоводот, во концесија на Унгарија.
„Бидејќи две третини од рускиот извоз на сурова нафта се испорачува по морски пат, ЕУ ќе мора да најде замена за околу 1,5 милиони барели нафта дневно”, објаснува аналитичарот на ПВМ, Тамас Варга.
Тој додава дека „количината е всушност поблиску до 2,1 до 2,2 милиони барели дневно, бидејќи Полска и Германија планираат да го прекинат купувањето нафта од гасоводот до крајот на годината”.
Цените беа поддржани и од најавата на Шангај дека ќе им овозможи на граѓаните да ги напуштат своите домови и да ги користат своите автомобили од среда.
МИА