Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нурдини заедно со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами денеска беа на локацијата на поранешната зграда на „Македонија Табак”, каде сега свои простории има компанијата „Пофикс” што изгореа во вчерашниот пожар. Министрите се сретнаа со сопствениците на компанијата и разговараа за потребните мерки и поддршка за санација на штетите.
–Сега засега битно е дека се е над контрола. Но уште очекуваме извештаи да знаеме што гори, од тие податоци што ги имаме од мерна станица во Тетово укажува дека се зголемуваат тие загадувања, но за голема среќа ние сме во контакт со градоначалникот на Тетово и ги кооординираме сите мерки. Битно е дека нема големо загадување во Тетово, ние споделуваме секој час податоци на фејсбук страна и се координираме со општината и други институции, изјави Нуредини.
Вицепремиерот Битиќи за време на посетата рече дека материјалната штета од пожарот за жал е голема, но оти е најважно што нема човечки жртви.
-Секоја материјална штета ќе се надокнади заеднички, како што заеднички си помагаме кога треба компаниите да прават инвестиција. Ќе треба заеднички да изнајдеме начин како да се помогне во надомест на материјалната штета, затоа што сметам дека вака треба да се грижи државата, изјави Битиќи.
Градоначалникот Касами информираше дека учениците може да одат на училиште со оглед на нормалните вредности кои ги покажува станицата за мерење на квалитетот на амбинетниот воздух.
-И јас сум родител. Ми се јавија од дома и ме прашаа дали да го пуштат детето на школо. Дозволете ми да им препорачам на сите родители дека децата треба денес да одат на школо, тоа и го кажав на мојата сопруга од сабајле, параметрите, еве кажа и министерот се во рамките на нормала. Имаше многу губење на наставата, не треба, тоа да продолжи така. Јас ги замолувам сите родители, сите наставници од денеска да продолжи нормално наставниот процес, изјави Касами.
Од компанијата „Пофикс” информираа дека штетата предизвикана од пожарот во нивните складиште првично изнесува над 12 милиони евра. Според нив, причината се обилните дождови кои предизвикаа поплави во одредени делови на градот.
МИА