Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица, за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Изнуда од член 258 став 2 од Кривичниот законик.
Со употреба на сила и сериозна закана со опасно орудие – мачета и на особено насилен начин, тие присилиле едно оштетено лице да им даде парични средства во износ од 360.000 денари. Оштетениот, во текот на летото 2021 година, од осомничените позајмил 55.000 денари, кои според устен договор требало да ги враќа со камата од 28.000 денари за секои 20 дена и за секој дополнителен ден доцнење уште по 1.000 денари. Врз основа на овој договор, во периодот од јануари 2022 до 09.05.2022 година, оштетениот на осомничените им исплаќал парични износи од 120.000, 180.000 и 60.000 денари. Во целиот тој период осомничените, инаку вработени во агенција за обезбедување, телефонски му се заканувале дека ќе го убијат ако не ги врати парите. Во неколку наврати доаѓале и во неговиот дом, заканувајќи му се нему и на неговиот татко.
На 25 мај го повикале оштетениот пред маркет на улицата „Македонско-косовска бригада“ и го однеле во мала уличка, при што го удирале, барајќи им веднаш да им ги врати парите. На 26 мај, пак, го повикале во катна гаража во Карпош, каде што работеле како обезбедување, па му побарале да им даде уште 300.000 денари. Кога оштетениот кажал дека нема, еден од осомничените извадил опасно орудие – мачета, заканувајќи се на оштетениот дека ќе му ги исече прстите и ќе го убие ако до крајот на денот не ги исплати парите. Го ставиле оштетениот во автомобил и заедно со него се упатиле кон Чаир, но биле пресретнати од полициски службеници.
Надлежниот јавен обвинител оцени дека постои опасност осомничените да се дадат во бегство, да влијаат врз сведоците и врз оштетениот или да го повторат делото, па до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.
извор: ОЈО
фото: www.ladbible.com/