До пладне се очекува да заврши испумпувањето во поплавените простории во тетовскиот крај и целосно поплавеното училиште „Братство Миѓени“. Според Центарот за управување со кризи, пожарникарите цела ноќ работеа во неколку града, вклучувајќи ги и најзагрозените од поплавите – Тетово и Струмица, додека за денеска се најавени вонредни седници во неколку општини.
Во Тетово дождот оштети многу патишта, по што дел беа блокирани. Водата навлезе во подрумски простории, а настрада и покуќнината. Поплавени се училишта, градинки, а настрада и
Уметничката галерија во Тетово каде водата навлегла и во зградата, но за среќа не се оштетени сликите и другите материјали. Општината Тетово одржа вонредна седница, каде најави дека ќе бара помош од централната власт.
Во Скопје падна потпорен ѕид во населбата Пинтија, додека во Струмица под вода беше улицата „Младинска“.
Во Лозово паѓаше град со големина на тениско топче, кој целосно ги оштети земјоделските површини, автомобили и соларни колектори. Градоначалникот Бошко Цветковски за денеска најави вонредна седница.