Бојана со „Среќа и несреќа“ ќе го освојува регионот – ММС
ММС

Објавено на: 05/28/22 9:50 PM

Бојана со „Среќа и несреќа“ ќе го освојува регионот

Пејачката Бојана Скендеровски ја промовираше својата нова песна, со која планира пробивање на регионалниот пазар. Песната е во продукција „Скендеровски“,  снимена на македонски и на српски јазик.

Комплетен автор на песната „Среќа и несреќа“ е Саша Милошевиќ-Маре, а препевот на текстот на македонски јазик е на Огнен Неделковски.

Пред почетокот на промоцијата на видео бим се емитуваше видео приказна од целата кариера на Бојана. Од настапот на М2- „Плеј потрага по ѕвезда“ во 2002 година, па победата на „Макфест“ во 2003 и во 2015 година, потоа учеството на интернационални фестивали, и секако најважното нејзиниот приватен живот, улогата на мајка на Искра и Ѓорѓи и сопруга на Васко.
Видео беше изненадување од сопругот за кое Бојана не знаеше.

„Го оставам за крај, не затоа што е најмалку важен, туку затоа што ми е голема поддршка. Важно е да имаш поддршка во оваа работа“, рече Бојана за Васко, кој ѝ подари ружи.

На промоцијата Бојана рече:

-Би сакала да одам на Евровизија, и тоа со песна од Маре. Но,тоа би требало да биде добро осмислен, комплетен настап. Маре е мојот омилен композитор и среќна сум што ја имам честа да соработувам со него. Нѐ запозна Кеба, тој е наш семеен пријател, рече Бојана.

На промоцијата присуствуваа многу нејзини колеги и пријатели.

(В.М.)

Фото: Вангел Тануровски