Тевдовски: Нема ново задолжување, само го роламе старото – ММС
ММС

Објавено на: 09/20/18 12:55 PM

Тевдовски: Нема ново задолжување, само го роламе старото

Задолжувањето на државата растеше во периодот од 2008 до 2016 година, рече министерот за финансии Драган Тевдовски, кој ги отфрли како неточни обвинувањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека власта прави расипничко задолжување пред референдумот.

Со опозицијата започнаа префрлањата на топката за тоа кој прави поголеми задолжувања. Од ВМРО-ДПМНЕ денеска обвинија дека е направено задолжување од 57 милиони евра, а нема нови проекти и инвестиции. Од друга страна министерот Тевдовски вели дека во 2017 година за прв пат бил намален јавниот долг, а целта на Владата е задолжувањата кои се прават да бидат пониски од кредите кои се враќаат.

– Ние практично само го роламе задолжувањето, односно нема ново нето задолжување, туку само тоа што достига на домашниот пазар, ние исто толку задолжуваме, но мора граѓаните да знаат дека претходната власт ни остави на централно ниво многу големи долгови и огромни обврски, рече министерот Тевдовски.

Претходната власт, како што посочи министерот, оставила 155 милиони евра кредит, 270 милиони евра еврообврзница, но вели дека одлично се менаџираат актуелните долгови.

– Имаме одлична наплата на приходите на централно ниво и ако ги следите меѓународните иснтитуции сите ги поздравуваат мерки кои се преземаат, пред се фискалната транспарентност, но и успешното менаџирање со јавниот долг, вели Тевдовски.

Според агенцијата „Стандард и пурс”, според министерот, во 2021 година се очекува стабилизација на состојбата.

Во меѓувреме остануваат обвинувањата од опозицијата дека за првите седум месеци годинава капиталните инвестиции се на најниско можно ниво.

 

Никола Ивановски