Тимот на проверувачи на факти „Reality Check“ на британскиот државен радиодифузер Би-Би-Си го анализираше долгото полноќно обраќање на претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, откако нареди руски војници да влезат во двата бунтовни региони во источна Украина, во Донецката и во Луганската област, а претходно ги призна самонаречените „Донецка народна република“ и „Луганска народна република“ како држави
Подолу го пренесуваме ова оценување на тврдењата на рускиот претседател:
Во долгото телевизиско обраќање од Кремљ, Путин се обидуваше да ги оправда своите постапки, изнесувајќи серија тврдења за Украина.
„Таканаречениот цивилизиран свет…. претпочита да го игнорира, како да не се случува овој ужас, геноцид на којшто се изложени речиси четири милиони луѓе“.
Рускиот претседател тука мисли на регионот Донбас во источна Украина, тврдејќи дека рускојазичните жители таму се изложени на „геноцид“ – термин што Путин го користел и претходно, а сега го повтори на руската државна телевизија.
Конвенцијата на ОН за геноцид, ратификувана од 152 земји, меѓу кои е и Русија, го дефинира геноцидот како „дела извршени со намера да се уништи, целосно или делумно, национална, етничка или верска група“. Такви примери се убиствата во Руанда и Сребреница, вели конвенцијата.
Но, не постојат докази за геноцид во источна Украина. А и тврдењето на Путин беше отфрлено од германскиот канцелар Олаф Шолц како „смешно“.
ОН вели дека некои држави „понекогаш квалификувале одредени инциденти или периоди на насилство како геноцид“, но овие „квалификации не може да се третираат како веродостојни или точни“.
Како и да е, во источна Украина има конфликт.
ОН проценува дека во источна Украина се убиени од 14.200 до 14.400 луѓе во периодот од 14 април 2014, кога почна конфликтот, заклучно со 21 февруари 2022, вклучувајќи:
- најмалку 3.407 цивили
- 4.400 припадници на украинските безбедносни сили
- 6.500 членови на вооружени групи.
Речиси 39.000 луѓе биле повредени, а според проценките, од 7.000 до 9.000 од нив се цивили.
Во 2018 година, тинк-тенкот „Меѓународна кризна група“ утврди дека околу 600.000 луѓе – од двете страни на фронтот – живеат во небезбедни наслеби „каде што секојдневно се изложени на гранатирање, нагазни мини и строги ограничувања на слободата на движење и основните услуги“.
„Веќе имаше изјави дека Украина ќе создаде свои нуклеарни оружба… Украина сѐ уште има советски нукеларни технологии и алатки(те) за создавање такви оружја.“
На безбедносната конференција за светските лидери минатата седмица, претседателот на Украина Володимир Зеленски рече: „Ние немаме такви оружја“.
Украина – којашто го имаше третиот по големина нуклеарен арсенал на светот во текот на Студената војна – се откажа од своите нуклеарни оружја во 1990-те, во замена за безбедносни гаранции од САД, Обединетото Кралство и Русија.
Земјата моментално нема средства за употреба на нуклеарни оружја преку воздух или какви било нуклеарни боеви глави што би можеле да бидат носени од ракети, сметаат безбедносни експерти.
Минатата година, украинскиот амбасадор во Германија Андриј Мелник спомена дека ако Украина не може да се приклучи на НАТО, можеби би морала да го преиспита својот „нулти нуклеарен статус“.
Ова прашање стануваше сѐ поприсутно во јавната деба, по конфликтот што избувна во источна Украина и анектирањето на Крим од страна на Русија во 2014 година.
Но владата на Украина нема кажано дека има намера да се врати на ситуација на поседување нуклеарни оружја, а ревидираната воена стратегија објавена минатата година не споменува набавување такви оружја.
Контролорот на нуклеарната сфера од ОН, односно Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕ), за Би-Би-Си вели оти нема знаци во Украина за „пренаменување на нуклеарни материјали наменети за мирнодопски активности во други цели“.
„Корупцијата, којашто без сомнеж предизвикува потешкотии и проблеми на многу земји, вклучително и Русија, придоби своевиден посебен облик во Украина“.
Русија е најниско рангираната европска земја во Индексот за перцепција за корупцијата на „Транспаренси Интернешенел“ за 2021 година, односно е на 136-то место од 180 светски земји, додека Украина на 122-то. Според „Транспаренси Интернешенел“, состојбата во Украина се поправила значително во текот на изминатава деценија.
Илја Шуманов од „Транспаренси Интернешенел Русија“ вели: „Резултатот на Русија го одразува отсуството на позитивни системски промени на полето на анти-корупцијата“.
„Над 60.000 лекари и други здравствени работници ја напуштија земјата во текот на пандемијата“.
Ова тврдење на Путин по сѐ изгледа се заснова на извештај објавен во март 2021 година од Центар „Разумков“, украинска агенција за испитување на јавното мислење, кој вели „Според експертите, од почетокот на 2020 година, 66.000 лекари и здравствени работници ја напуштила Украина“.
До февруари 2021, околу 34.000 од овие биле лекари регистрирани во украинскиот здравствен систем коишто дале откази од почетокот на пандемијата, според информациите од поранешниот министер за здравство на Украина, Максим Степанов.
Доктор во Киев заработува околу 23.000 американски долари годишно, барем според Институтот за економски истражувања, во споредба со околу 61.000 американски долари во соседна Полска
Нема официјални статистики во кои земји украинските доктори одат да работат – но според извештај за работодавци во здравството, има брз пораст на бројките на оние што сакаат да работат во Полска, Чешка и Словачка.