Не е вистина тврдењето во постот дека насловната страница на „Де Морген“ е лажна. Не е точно дека станува збор за лажна вест, лажна фотографија и лажни „уметници“ од трансатлантскиот печат. Станува збор за реални фотографии направени истиот ден кога Русија ја почна инвазијата над Украина и кога беше погодена резидентна зграда во Украина каде што наставничката била жител. Би Би Си дополнително го потврди ова со проверка на фотографиите, за кои утврди дека се снимени на 24 февруари 2022 година, а не во 2018 година
Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во којшто е споделена фотографија од насловната страница на весникот „ДеМорген“ (весник кој се издава во Белгија). На насловната страница од изданието од овој весник, коешто датира од 25 февруари 2022 година, претставена е повредена жена со крваво лице и насловот гласи „Војна во Европа“ (Oorlog in Europa).
Споделувајќи ја оваа насловна страница, авторот на постот што го рецензираме тврди:
28.02.2022. Лажни вести, лажни фотографии и лажни уметници – трансатлантскиот печат. Лажен печат. За жал.
Вредно да се напомене за здобивање на сите детали за контекстот во кој е објавена оваа фотографија, е тоа што во повеќе странски и домашни медиуми, како и на социјалната мрежа Твитер, корисници тврдат дека фотографијата за којашто станува збор во овој пост, всушност е стара, од 2018 година и дека истата фотографија е лажно претставена како да датира од руската инвазија во Украина.
Барем на два Фејсбук профили на медиуми беше презентирана оваа информација, меѓутоа постовите беа избришани пред да ја направиме оваа рецензија.
Што всушност се случило?
Во четвртокот, на 24 февруари 2022 година, резидентна зграда во Украина, во источниот украински град Чугуив во регионот Харкив, беше уништена откако рускиот претседател Владимир Путин нареди инвазија на Украина. И други згради на улицата беа многу оштетени, со искршени прозорци.
Агенцијата Анадолија ја објави оваа и слични фотографии од нападот. Фотографиите од нападот се појавија и на Би Би Си.
На социјалната мрежа Твитер, објавени беа и кратки видео материјали од нападот кој се случил во населбата, на првиот ден од руската инвазија на Украина.
Но, веднаш откако беа објавени фотографиите од оваа жена, која што живеела во една од погодените згради во Чухуив, се појавија и обвинувања дека жената и фотографиите не се нови, од руската инвазија на Украина, туку дека наспроти тоа – потекнуваат од експлозија на гас во рускиот град Магнитогорск која се случила во 2018 година.
Во таков контекст и во постот што го рецензираме, авторот тврди дека лажни уметници се фотографираат во западните медиуми.
Меѓутоа, на фотографијата која е веродостојна не се наоѓа никаква актерка, туку 52 годишната украинска наставничка Олена Курило, која откако беше обвинета дека е глумица и дека ги лажира крвавите слики од нападот на зградата, јавно, дури и на видео материјали ги покажуваше своите рани.
Нејзината видео изјава може да ја погледнете на следниот линк.
Видеото со изјавата на Олена Курило во која таа објаснува дека нападот навистина се случил, а нејзините рани се вистински, не е од истиот ден кога се случува нападот на Русија врз Украина, туку од 28 февруари. Затоа таа е облечена поинаку, а и завојот од челото го нема.
На следното видео, пак, таа ги покажува раните под завоите.
Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина тврдењето во постот што го рецензираме дека насловната страница на „Де Морген“ е лажна. Не е точно дека станува збор за лажна вест, лажна фотографија и лажни ,„уметници“ од трансатлантскиот печат. Станува збор за реални фотографии направени истиот ден кога Русија ја почна инвазијата над Украина и кога беше погодена резидентна зграда во Украина каде што наставничката била жител. Би Би Си, дополнително го потврди ова, со проверка на фотографиите и потврди дека се снимени на 24 февруари 2022 година, а не во 2018 година.