Еден од наједноставните начини за влијание кај поширок круг луѓе, а кој е континуирано користен од страна на Русија во деjствувањето во Република Северна Македонија, е градењето и негувањето на наративот за заедничкото припаѓање (во меѓународните односи таа теорија е позната како „природно сојузништво“). Заедништвото и заедничкото припаѓање се поврзуваат со словенството, верата, јазикот, традицијата, а во последно време сè повеќе и со вредносниот систем кој како држави и народи ги разликува од оној на „Западот“
Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за правна држава и човекови права
Потекло и традиционална поврзаност
И покрај тоа што словенството како поврзувачка точка со Русија не се спомнува толку често (како на пример во соседна Србија или во периодот кога сè уште немаше земено замав антиквизацијата во Македонија), тоа сепак не смее да биде занемарено.
Припадноста на словенството се прикажува како проклетство и како дар, ама во секој случај се промовира, тивко и под рака, наспроти тие другите од „Западот“:
Светот на Словените асоцира на прегреани емоции, незауздани страсти, самоубиствена ирационалност, православна задртост и експлозивни мешавини од солзи и смеа. Од друга страна, запад важи за трезвен и толерантен, протестантски рационален и цивилизациски припитомен. И види мајката, дојде време војните на словенското секојдневие да изгледаат како банален детски инает во однос на западните.
Словенството е секогаш присутно во текстовите што ги слават Кирил и Методиј
Денот на семакедонските и сесловенски просветители, Денот на семакедонската и сесловенска култура и писменост, Денот на солунските браќа Светите Рамноапостоли Кирил и Методиј Македонците!
Многу почесто, заедништвото се имплицира со употребата на термините „братски народи“ и „братски односи“. Со овие термини (кои се содржани во повеќе текстови, особено на социјалните мрежи) се промовира и поддржува идејата за традиционална поврзаност на Русија и Македонија, односно, рускиот и македонскиот народ:
РОДИНА МАКЕДОНИЈА ќе ги обнови блиските и братски односи со Русија, неприродно прекинати од други глобални интереси во последниов век и како што е наведено во геостратешката програмска стратегија, ќе ја вгради Македонија во Евроазискиот сојуз на братски слободољубиви народи од Лисабон до Владивосток.
Така ќе ги обновиме блиските историски врски меѓу двата братски народи кои влечат корени уште од Александар Македонски со Бодричите(Македонјаните) и Рурик кој се вгради во создавањето на руската држава, преку македонските и сесловенски просветители Св. Климент и Наум, Св. Кирил и Методиј, учеството на македонскиот полк доброволци во Кримската војна во XIX-тиот век и дејноста на македонските интелектуалци и борци за национална слобода во Ст. Петерсбург, Димитрија Чуповски и Крсте Мисирков, Браќата Миладиновци.
Овие навидум беневолентни изрази на заедништво и повикување на историските корени на поврзаноста (кои и самите можат да бидат оспорени од историските факти), резултираат во поддршка на актуелната власт во Русија, сè до актите на директна поддршка и на актуелната агресија на Путинова Русија врз Украина:
Македонци во Сабота во 14:30 пред Руската амбасада во Скопје, ќе има собир за изразување незадоволтво од тоа што северџанскава окупаторска хунта не стави на листата на непријатели на Русија, под мотото “Северна ви е непријателот, Македонецот ви е брат!”
Споделувајте и сите сложно да појдеме пред Руската амбасада и дадеме подршка на Русија против пропагандата и русофобијата во Северџанистан!!!
Со оглед на тоа дека руското влијание најлесно се шири меѓу оние што гледаат опасност во прифаќањето на „западните“ вредности и „западната“ демократија, проблемот на словенството како именител на заедништвото доаѓа во колизија со идејата за античкото потекло на денешните Македонци и директните врски со Александар Велики.
Со цел разрешување на оваа контрадикторност на некои од порталите се појавуваат поекстремни „анализи“ во кои поврзаноста меѓу Македонија и Русија се поврзува со македонското потекло на Русите:
За поткрепа на ваквото тврдење ќе се послужиме со еден извадок од книгата Порекло Словена (Украдена Историја, Д-р Петар Поповски, стр 361-362) каде што јасно стои:
“Во древниот пишан документ Московски Анали изрично се тврди дека Русите, односно Московитите, кои потекнувале од македонските простори, имале ист јазик со античките Македонци.”
Според ова Русите потекнуваат од Македонија, исто како што и рускиот јазик влече корени од македонскиот.
Меѓутоа, во целина, тие што ја шират идејата за заедништво и традиционална поврзаност меѓу Македонците и Русите не се впуштаат во разрешување на овој вид противречности и нелогичности.
Позитивниот однос кон Русија понатаму се гради и преку промовирање наводна поддршка на Русија/Путин на македонскиот идентитет (при што повторно се избегува објаснувањето дали станува збор за словенски или идентитет кој потекнува од Античките Македонци):
Руската амбасада во Скопје цитирајќи изјава на претседателот на Руската Федерација Владимир Путин, „писменоста дојде од македонската земја“ на македонскиот народ му го честита државниот празник Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј.
Ова понатаму на различни (сликовити) начини се шири на социјалните мрежи потенцирајќи го значењето и со јасна импликација за оние „другите“ кои придонесуваат за менување на името, јазикот, идентитетот на Македонија и Македонците.
Поврзувањето со Русија преку религијата (како дел од заедничкиот идентитет) и некои општи изјави на Путин се прави и тогаш кога овие изјави немаат никаква директна или индиректна врска со Македонија или со македонскиот народ.
На овој начин се гради перцепција дека постои континуирана поддршка на властите во Русија (особено на Путин лично) за заштита на идентитетот на Македонците и признавање на значењето и заслугите на Македонија за целиот словенски свет.
Русија секогаш безусловно признава самостојноста и автентичноста на македонскиот јазик историја, култура и идентитет, изјави денеска рускиот амбасадор Сергеј Баздникин при неговата посета на Куманово.
Овој наратив континуирано се шири и добива значење и покрај тоа што не се совпаѓа со реалноста во која Русија ја признава Македонија под нејзиното ново уставно име Северна Македонија, ниту на фактот дека Руската црква во ниту еден момент не покажала намера да ја признае Македонската православна црква или отсуството на значајна економска поддршка која доаѓа од Русија
Трговијата е некаде 2%, од вкупната трговска размена. Странските директни инвестиции се 0,5%, и девизните дознаки, кои се значаен мотиватор на македонската економија, односно руските дознаки во Македонија учествуваат само со 0,1 %.
Паѓа в очи дека ваквиот вид текстови особено се шират на социјалните мрежи во последниот период (од почетокот на агресијата на Путинова Русија врз Украина) независно што се прв пат напишани/споделени многу порано.
Заедничка традиција и вредности
Особено впечатлив начин на влијание на Русија во Македонија е преку тврдењето дека двата народа/држави имаат заедничката традиција и особено заедничкиот вредносен систем (спротивни на вредностите кои, поред пораките кои се пласираат во одделни медиуми и на социјалните мрежи, се обидува да ги наметнат „западните“ држави).
Најчесто, пораката е двострана. Упатува на јасно заедништво на генералниот вредносен систем со Русија и потенцирање на разликите во однос на „западните“ држави.
На пример, во колумната под наслов: „Простете, ама не можеме да веруваме во исти вредности, госпоѓо Галовеј“ посветена на „двојните стандарди“ на „западната“ демократија насочени против Руската Федерација, наоѓа место реченица во која одеднаш се вмешуваат Козаците (најверојатно како антипод на Словените?):
Па, се сеќавате на заминувањето на Вашето семејство во Англија, во 1911 година, откако Козаците се обиделе да го земат (претпоставувам, насилно да го грабнат) Вашиот четиригодишен правујко. И треба да се сеќавате, зашто корнењето на секое семејство од корените е трагедија сама по себе со која и јас сочувствувам.
Не ретко се појавува тврдењето според кое „Западот“ не бил и не може да биде пријател на Словените. Тие се поведуваат по него, ама за кратко време.
Достоевски предупредува дека Русија треба сериозно да биде подготвена за идното однесување на Словените, кои со одушевување ќе се свртат кон Европа до степен на губење на својата национална индивидуалност, својата култура и традиции. Тој вели дека тие ќе се заразат со вирусот на европските институции, но ќе имаат долг пат кон европеизацијата, губејќи го полека својот идентитет, а со тоа и значењето како словенски народи. Иако кај народот долго ќе биде присутно чувството дека Европа ниту била ниту може да биде вистинскиот пријател, ниту од неа може да се очекува помош во некоја поголема неволја, ќе се трудат да се стават под нејзиниот чадор.
Ваквиот вид текстови не се ставаат во контекст на денешната ситуација, поврзаноста на државите со доминантно словенско населени со „Западот“, јасно изразената аспирација за заедништво во рамките на ЕУ и секако економската помош и поддршка што доаѓа од „Западот“.
На ова се надоврзуваат редица анализи на европските вредности (кои се поставуваат во колизија со оние другите, незападноевропските вредности):
Нареден поим е поимот европски вредности. Овој поим се надоврзува на поимот евроатлански интеграции и секогаш се користи во негов контекст. Целта им е да создадат слика дека во ЕУ и НАТО се живее според европски вредности, а се што е надвор е без вредности, нецивилизирано и нормално ако сака да се цивилизира неопходни му се тие фамозни евроатлански интеграции. Прв проблем е тоа што европските вредности не се ограничуваат само на границите на земјите на ЕУ и НАТО. Европски вредности се и глаголицата, кирилицата, Конески, Рацин, Андриќ, Достоевски, Чајковски итн. Дополнително, Европа, кога се мисли на Западот, не произведе само вредности. Западни европски производи се и шовинизмот, империјализмот, расизмот, фашизмот и нацизмот.
Ова често завршува со величењето на Русија и особено на Путин во неговата борба за традиционалните вредности.
Владимир Путин ја прочита својата годишна порака како претседател на Руската Федерација упатена до Федералното Собрание. Оваа година пораката беше прочитана на денот на 20 – годишнината од Уставот на Руската Федерација, кој беше усвоен на 12 декември 1993 год., со општо народно гласање. Во своето обраќање Владимир Путин особено истакна дека Русија ќе продолжи да ги брани традиционалните вредности:
Најексплицитно за поддршката на тие поинакви вредности што ги нуди Русија наспроти „Западот“ се зборува на интернет-страницата Слободен свет, што понатаму се пренесува преку социјалните мрежи:
Уверени сме дека западната цивилизација, со својот економски модел на либерален пазар, миграциската политика и идеите на потрошувачкото општество води кон смрт и уништување на целото домородно европско население, и само Русија како последен бастион на традиционалните вредности во Европа, е во состојба да обезбеди мирен и пристоен живот за сите словенски и други европски народи.
При ова во потполност се занемарува фактот дека потрошувачкото општество, либералниот пазар и миграциската политика се исто толку присутни во Русија колку и во другите држави.
Во дел од медиумите ова се прави со директно пренесување на изјави на високи руски функционери, кои алудираат на блискоста на народите и расчекорот меѓу она што значи јавно мнение и мислење/став на актуелната политичка гарнитура во Македонија, односно се промовира идејата дека актуелната ситуација и свртеноста кон “Западот“ е вештачки импутирана од владејачките структури и наспроти владејачките структури кои се под влијание на „Западот“,
Северна Македонија и Црна Гора, за жал, паднаа под влијание на Западот, не успеаја да формираат никаква самостојна политика во украински правец и пристапија кон режим на фронтални санкции. Тоа неминовно ќе ги погоди и самите нив, компликувајќи ја и онака тешката економска ситуација. Се разбира, билатералните врски со Русија ќе патат. За сето тоа предупредувавме долго и повеќе пати. Треба да се потсети дека непријателската линија на локалните челници кон нашата земја не ужива поддршка од јавноста. И покрај обидите на Западот да наметне деструктивно едноумие, граѓаните на овие земји се во состојба да создадат објективна слика, да ја одвојат пропагандната лага од фактите
„Новиот светски поредок“, кој би требало да се базира на заедничките словенски, вредности се промовира со наводни научни/стручни анализи кои се пласираат на социјалните мрежи (кои повторно во потполност го занемаруваат актуелниот политички и економски систем во Русија) :
Русија не врши притисок врз македонската политика сакаме тоа да го прават и другите земји, изјави денеска во Скопје Александар Дугин, првиот советник на рускиот претседател Владимир Путин и креатор на сесловенската стратегија на Русија, од панел-дискусијата „Република Македонија во стратешки сојуз со Русија и членство во Евроазиската економска унија“
Во одреден број текстови ова се издигнува на ниво на застрашувачки судир, кој се објаснува со омраза на „Западот“ кон сè што е словенско, и дури и со намери за уништување на Руска медиумска сцена: Контролирани содржини со малку простор за странски медиуми сè што е словенско. Според дел од медиумите, веќе се води биолошка војна против сите Словени и се изработува биолошко оружје генетски модификувано и насочено против Словените
Коронавирусот најсмртоносен за Словените – Познатиот геополитички аналитичар тврди дека Русите имаат докази за лабараториското потекло на вирусот
Бесмисленото тврдење, кое се базира на постоење на генетски чисти народи и кое превидува дека Украинците и Русите се Словени, се развива во теорија што се повикува на статистички податоци, а е наменета за обединување на сите со словенско потекло против заедничкиот непријател од „Западот“:
Она што е уште поморничаво е листата со држави по број на починати на милион жители во светот. Од 10-те држави со најголема смртност на милион жители, дури 9 се припадници на словенската група на народи или делат огромен број гени со словенските народи и се држави од Источна Европа.
Доколку одиме малку подалеку од 30 држави во светот со најголема смртност на милион жители од корона-вирус во светот дури 19 држави се од Источна Европа и со голема словенска популација!
Темата и понатаму се „разработува“ во конкретни „примери“ за начинот на кој би требало да бидат уништени Словените:
Биолошкото оружје што е развиено во Украина влијае на репродуктивниот систем на жените и на имунитетот на одредени етнички групи, изјави во понеделникот шефот на руската државна вселенска агенција Роскосмос, Дмитриј Рогозин.
Овие застрашувачки „намери“ на “Западот“ (и покрај сета нивна нелогичност, потполна произволност и нереалност од аспект на науката и особено од аспект на непостоењето на чисти етнички групи) наоѓаат место на социјалните мрежи, па и во медиумите и поттикнуваат ново групирање базирано на страв, сигурност на припаѓањето по основа на традиционални вредности и на замислена поддршка.