Во Соборниот храм Свети Климент Охридски во Скопје се вршат подготовки пред утрешната заедничка Божествена литургија на поглаварите на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија г.г. Стефан и на Српската православна црква г.г. Порфириј.
-Во моментов се одвиваат подготовки на просторот за пречекот на српскиот патријарх, поглаварот на СПЦ г.г. Порфириј. Се уредува внатрешноста и надворешноста на храмот. Во тек се опсежни работи. Вклучени сме повеќе луѓе во организацијата. Пречек на едно вакво лице кое доаѓа со делегација, членови на Синодот на СПЦ бара посебно внимание, гостопримство на ниво и љубовно пречекување, и исто така запазување на сите оние норми правила кои ги пропишува и преданието на православната црква, изјави за МИА презвитер Бобан Митевски.
Српската делегација ќе ја сочинуваат дваесет лица, од кои најверојатно осуммина ќе бидат владици на СПЦ.
Со заедничката литургија ќе чиноначалствуваат поглаварите Стефан и Порфириј, а ќе сослужуваат сите владици на МПЦ – ОА и владици на СПЦ.
Соборниот храм за утрешната литургија, како што вели Митевски, ќе биде украсен за соодветниот повод, а на крајот на литургијата двајцата поглавари ќе имаат говори.
Поглаварот на СПЦ и членовите на српската црковна делегација треба да пристигнат во Скопје денеска. Божествената литургија утре во Соборниот храм „Св. Климент Охридски” ќе започне од 9 часот, а во соопштението до јавноста, МПЦ – ОА упати покана до верниците да земат молитвено учество.
На оваа посета на поглаварот на СПЦ Порфириј и претходеше заедничката архијерејска литургија на помирување што се одржа на 19-ти месецов во соборниот храм „Свети Сава” во Белград, а со која чиноначалствуваа патријархот Порфириј и архиепископот Охридски и Македонски г.г.Стефан. Со литургијата беше потврдено надминувањето на 55-годишниот раскол меѓу СПЦ и МПЦ-ОА и возобновувањето на канонското и евхаристиското општење.
Вселенската патријаршија на 9-ти месецов ја призна канонската природа на Македонската православна црква – Охридската архиепископија, со што по 55 години му се даде можност на македонското свештенство да има заеднички богослужби со другите православни цркви. Таа одлука не значи томос за автокефалност со кој официјално се регулира меѓународното име и статус на црквата, туку е „израз на татковската љубов и грижа на Вселенската патријаршија” и најава дека МПЦ повеќе не е во раскол со целиот православен свет и оти македонските свештеници можат да служат со свештениците од другите православни цркви.
Синодот на СПЦ, пак, на 16 месецов соопшти дека го прифаќа статусот на најширока можна автономија на Македонската црква, односно целосна внатрешна независност, која и беше доделена уште во 1959 година. Највисокиот црковен орган на српската црква соопшти дека во дијалогот за иден и евентуален конечен канонски статус, СПЦ ќе се води исклучиво од еклисиолошко-канонските и црковно-пасторалните принципи, стандарди и норми.
Спорот меѓу двете сестрински цркви почна откако на 17 јули 1967 година, Светиот синод на МПЦ во Охрид, го свика Третиот црковно-народен собор и на свечената седница во охридската црква „Св. Климент” ја прогласи Македонската православна црква за автокефална.
МИА