Сите имаме барем еден пријател кој никогаш не стигнува на време и едноставно на тоа не гледа како на проблем, иако доцнењето генерално се смета за мана и може да предизвика разни несогласувања во односите со другите луѓе.
Меѓутоа, причината за доцнењето вообичаено не е тоа што луѓето не се грижат за туѓите чувства или намерно сакаат некого да изнервираат, вели психотерапевтката Сомија Заман, специјализирана за когнитивно-бихејвиорална терапија. Постојат многу различни фактори кои треба да се земат предвид, а истражувањата покажале дека некои личности се помалку точни од другите.
„Некои луѓе едноставно се родени оптимисти и искрено веруваат дека можат да управуваат со својот зафатен распоред, што значи дека секогаш ќе доцнат некаде“, вели Заман.
А ако овие оптимисти се зборливи и комуникативни, тогаш нивните состаноци веројатно траат подолго, поради што најверојатно тие ќе доцнат и на следниот состанок.
„Некои луѓе имаат проблем да кажат не, плашејќи се дека би можеле да навредат некого или да пропуштат важна прилика, така што нивните нереални планови повеќе се одраз на нивната загриженост“, изјавила таа.
„А постои уште еден тип на личност која веројатно ќе задоцни и тоа е онаа за која доцнењето претставува „личен бренд“, па веќе не чувствува потреба да стигне на време, бидејќи тоа никој не го очекува – додава психологот.
Што нѐ прави такви
Психотерапевтката објаснува дека сите различно реагираме на внатрешните и надворешните очекувања.
„Некои луѓе ги исполнуваат своите внатрешни очекувања подобро од надворешните. Луѓето кои повќе ги нагласуваат надворешните очекувања (оние кои се поставени од другите луѓе, работата, општеството и тн) се поточни бидејќи добро реагираат на наметнатата одговорност, додека луѓето кои ги исполнуваат своите внатрешни очекувања имаат тенденција почесто да доцнат бидејќи ги задоволуваат своите потреби, а не другите.
Извор: kurir.rs