Покачувањето на платите и вложувањето во стандардот на граѓаните е политика на која останавме доследни. Благодарение на првичните политики и одговорното владеење, ветувањето на СДСМ од 2017 година е целосно реализирано!, објави на својот фејсбук профил премиерот Димитар Ковачевски.
– Малку кој веруваше дека ќе имаме просечна плата од 30.000 денари. Ова ветување беше мета на критика и потсмев од опозицијата која силно се противи на растот на платите, но и покрај честите опструкции од нив – успеавме.Во време на голема економска криза сфаќаме колку се значајни овие политики. Со покачувањето на платите ги штитиме граѓаните од големиот раст на цените, а буџетот го насочуваме онаму каде е најпотребно, да обезбедиме повеќе приходи, да ги намалиме ценовните шокови и заеднички полесно да ја надминеме кризата, објави Ковачевски.
Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во март 2022 година, изнесува 31.080 денари, согласно податоците на Државниот завод за статистика. Во однос на март 2021 година, истата е зголемена за 10,1% или за 2.863 денари, што е помалку од зголемувањето на основните трошоци за живот во синдикалната кошница на ССМ.
МИА