Претставниците на Министерството за труд и социјална политика и на Синдикатот за образование, наука и култура денеска ги потпишаа измените на Колективниот договор со коишто се регулира исплатата на плати и придонеси на плати за време на штрајк. Министерката Јованка Тренчевска очекува до крајот на месецов да се донесе и новиот колективен договор кој како што рече, ќе значи нови права на вработените.
„Пред некој ден на состанокот со претставниците на МОН беше донесено решение со кое се согласија и двете страни, односно платите во детските градинки и образованието да се зголемат за 15 проценти. Сите делови кои беа дел од одлуката за штрајк се реализирани и последното е отпочнувањето на процесот на подготовка на новиот колективен договор веднаш по 24-ти мај“, истакна Тренчевска.
Првиот човек на СОНК, Јаким Неделков вели дека со ова се заокружува процесот на преговори во однос на барањата кон МТСП.
„Она што беше спорно, исплатата на платите во детските градинки кои штрајкуваа, денеска со измена на колективниот договор во тој дел го регулиравме ова право на вработените. Сметавме од разни причини дека тие се дискриминирани и не беше во ред да им се скрати од платата. МТСП имаше разбирање за тоа што го баравме, го усогласивме и овој дел и во целост овој процес на штрајк и преговори со МТСП конечно е затворен“, изјави Неделков.
Одговарајќи на новинарско прашање пак, кога ќе се исплатат платите за април, Тренчевска нагласи дека измените на колективниот договор се испратни во Службен весник и штом бидат објавени ќе се пристапи кон исплата на платите согласно овие измени.
„Тука е регулиран начинот на исплата на плати и придонеси и согласно измените ќе бидат исплатени платите за април“, кусо додаде Тренчевска.
(В. Ми)