„Комерцијален текст“
Скопје, 19.05.2022 – Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – AETM, во рамки на проектот „Дигитални вештини за раст” објавува Jавен повик за учество во едукативна и практична програма за зајакнување на дигиталните вештини за е-трговија и дигитален маркетинг наменети за компании од агро-секторот,секторите за туризам и ИКТ.
Проектот „Дигитални вештини за раст”, кој е поддржан од Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) има за цел да им помогне на компаниите од овие три сектори при унапредување на процесите за работа во е-трговија преку зајакнување на дигиталните вештини на учесниците, да им овозможи унапредување и олеснето менаџирање на нивните е-продавници и да го подобри нивното онлајн присуство со цел зголемена видливост и зголемени онлајн продажби.
Програмата ќе се одвива во текот на месец јуни и првата половина од јули 2022 година, а ќе се состои од едукативни сесии со физичко присуство, онлајн менторски сесии и вмрежување и поврзување со домашни платформи за е-трговија. Одбраните кандидати ќе имаат можност да присуствуваат на три практични едукативни сесии со физичко присуство на следните теми:
- (1) Aлатки за дигитален маркетинг за е-трговија,
- (2) Mаркетинг и рекламирање на социјалните медиуми,
- (3) Дигитализација на процеси и алатки за менаџирање и одржување на е-продавница.
По завршување на секоја сесија учесниците преку директна менторска поддршка ќе имаат можност за доусовршување и преку практична работа ќе може да го унапредат работењето во нивните компании. Во рамки на програмата предвидено е вмрежување и запознавање со претставници од еко-системот на е-трговијата за зголемена соработка и пласман на производите како дел од понудата на македонската е-трговија. По завршување на програмата сите учесници ќе добијат сертификати.
Јавниот повик е отворен за сите компании од агро-секторот, секторите за туризам и ИКТ кои имаат е-продавница или се дел од онлајн маркетплејс, односно ги продаваат своите производи/услуги онлајн и имаат потреба од зголемување на знаењата и вештините поврзани со е-трговија кои ќе им помогнат подобро да се претстават во јавноста и да ги реализираат своите бизнис цели.
Од АЕТМ велат дека со овој повик, Асоцијацијата за е-трговија на Македонија се вклучува во напорите за зајакнување на конкурентноста на компаниите од овие сектори и мотивирање на е-трговците за подобрување и унапредување на нивното работење.
Аплицирањето на Јавниот повик, кое се одвива онлајн на веб-страницата на АЕТМ, трае до петок, 27 мај 2022, до 23:59 часот, по што ќе следи евалуацијата на апликациите според јасно дефинирани критериуми, од страна на комисија составена од експерти во областа.
Повеќе информации за Jавниот повик се достапни на: https://ecommerce.mk/apliciraj/
Проектот „Дигитални вештини за раст” е поддржан од Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ), финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка.