Заедничка архиерејска литургија на помирување денеска во 9 часот во соборниот храм „Свети Сава” во Белград ќе одржат српскиот патријарх Порфириј и архиепископот охридски и македонски Стефан со владиците од СПЦ и тројца митрополити во ранг на најстарите, во придружба на неколку нивни соработници. И двете цркви најавија дека литургијата е во функција на воспоставување на „литургиско и канонско општење на двете сестрински цркви”, односно литургија на помирувањето.
Најавен е директен телевизиски пренос од заедничката литургија.
Владиците од МПЦ вчера пристигнаа во Белград, по заседанието на Синодот, каде беше прифатена поканата на СПЦ за одржување литургија на помирување. Македонските владици беа пречекани од поглаварот на СПЦ, патријархот Порфириј.
„Како што бијат камбаните на црквата Свети Сава, така и нашите срца чукаат од радост поради овој благословен ден. Добредојдовте драги браќа! Добре дојдовте брате Архиепископи Стефан и Владико. Добре дојдовте во заедницата на љубовта, вие и сите ваши богољубиви луѓе. Ние сме браќа и само браќа!“, напиша на својот Инстаграм профил српскиот патријарх Порфириј, споделувајќи видео од пречекот на македонските црковни великодостојници на чело со Поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан.
View this post on Instagram
На одржување на денешната литургија на двете цркви и претходеше завчерашната одлука на Соборот на СПЦ во која се наведува дека се „поздравува прифаќањето на општо признатиот канонски статус на најширока можна автономија, односно целосна внатрешна независност на МПЦ, доделен во 1959 година”. Со ова, според српски извори е „решен спорот што датира од 1967 година кога Македонска православна црква се одвои од СПЦ”. Со чинот на заедничка литургија ќе се воспостави литургиско и канонско единство на двете цркви, што симболично ќе означи заживување на одлуката на Светиот архиерејски синод на СПЦ, донесена во понеделник на 16 мај.