Се бара решение како да им се исплатат дневници на штрајкувачите во образование – СОНК ги објави деталите од договореното – ММС
ММС

Објавено на: 05/18/22 3:25 PM

Се бара решение како да им се исплатат дневници на штрајкувачите во образование – СОНК ги објави деталите од договореното

Првиот човек на Синдикатот за образование и наука СОНК, Јоаким Неделков на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук писменот им се  обрати на членовите на СОНК информирајќи ги од прва рака за резултатите од преговорите со Министерството за образование и наука кои се водеа неколку недели.

Според резултатите од преговорите, договорено е првичното усогласување за вработените во градинките за 15%, да започне од септемвриска плата 2022 година. Договорено е и :

– Учество во креирање на буџетот на плати за вработените во градинките, за 2023 година, со што ќе се исплати остатокот од усогласувањето од најмалку 3,4%, што би започнало од јануарска плата 2023 година.

– Потпишување на нови колективни договори за вработените во детските градинки најдоцна до крајот на јуни 2022 година.

– Исплата на дневници на вработените во градинките за време на штрајкот.

Првичното усогласување на платите во градинките ќе се врши на начин што вредноста на бодот ќе се зголеми за 15%. Таа вредност ќе се множи со соодветните бодови по работно место (збирно) при што се добива бруто плата. Со одбивање на разни придонеси се добива нето плата. За секое работно место коешто ќе биде под минималната плата (18.000 денари) ќе биде исплатена законски утврдената минимална плата (18.000 денари). На секоја основна плата, за секое работно место се надградуват и додатоците на плата.
„Сакам да напоменам дека остатокот од усогласувањето од најмалку 3,4%, разликата до 18,4%, ќе бидат исплатени со јануарска плата 2023 година, а конечниот процент на зголемување ќе зависи од преговорите коишто ќе ги водиме при креирање на буџетот за плати за 2023 година, а ќе биде поврзан со порастот на БДП, инфлацијата, економската состојба на држвата итн. Кога сме веќе кај исплата на плата за време на штрајк, законските одредби и одредбите од КД за детска заштита не предвидуваат исплата на плата за време на штрајк односно дневници за периодот на штрајкување. Раководството на СОНК вложува максимални напори заедно со МТСП да изнајдат соодветно решение за исплата на платите на штрајкувачите во градинките и убедени сме дека денес 18.05.2022 година или најдоцна до утре ќе биде надминат и овој проблем во градинките односно ќе се изнајде начин како да се исплатат дневниците на вработените во градинките кои штрајкувале“, вели Јоаким Неделков.

Во продолжение го пренесуваме интегрално соопштението од СОНК во кое се наведени сите резултати од преговорите со МОН.

О.К.

фото: МОН