Ние бараме автокефалност, СПЦ писмото го толкува на свој начин – Тимотеј објаснува – ММС
ММС

Објавено на: 05/18/22 1:38 PM

Ние бараме автокефалност, СПЦ писмото го толкува на свој начин – Тимотеј објаснува

Потегот на СПЦ е апсолутен чекор напред, додека МПЦ – ОА очекува да го добие бараниот статус на автокефална црква. Томосот треба да го потпишат Цариградскиот патријарј и српскиот патријарх, објасни владиката Тимотеј, по завршувањето на заседанието на Синодот на МПЦ.

Владиците одлучија да ја прифатат поканата за сослужување со Српската православна црква и утре ќе служат заедничка литургија во Белград.

– Ја прифативме поканата од страна на српскиот патријарх, односно Соборот на СПЦ за да се воспостави евхаристичко единство со сиот православен свет, се разбира со оваа архиерејска литургија што ќе се отслужи утре во Соборниот храм посветен на Свети Сава, рече владиката Тимотеј.

На оваа литургија МПЦ заминува со Поглаварот, г.г. Стефан и тројца митрополити во ранг најстарите. Тимотер оцени дека преку ова се воспоставува единство не само со СПЦ туку и со останатите православни цркви.

-Тоа е еден чекор до очекуваното конечно разрешување на посакуваната цел а тоа е автокефалност на МПЦ, кажа владиката Тимотеј, кој оцени дека  Томосот веројатно ќе биде подготвен до крајот на месецов.

-Имајте стрпливост, тоа е начин и пат да се дојде до автокефалност што ја чекаме 55 години. Писмото тие си го читаат како сакаат, ние бараме автокефалност, рече Тимотеј.

На прашањето дали има синхронизација меѓу Скопје, Цариград и Белград, владиката Тимотеј рече дека до денеска СПЦ нема став за враќањето или примањето на ерархијата на МПЦ од страна на Севселенската патријаршија.

Од МПЦ денеска ќе биде испратено писмо до Цариград со кое се потврдува заедничката литургија на Петница.