Министерот за земјоделство во писмо апелира до Мицкоски да прекине блокадата на Собранието – ММС
ММС

Објавено на: 05/18/22 11:14 AM

Министерот за земјоделство во писмо апелира до Мицкоски да прекине блокадата на Собранието

-,,Кој добива, а кој губи со блокада на Собранието?” Одговорот е кристално јасен и во континуитет како политичари го добиваме од граѓаните. Пораката е јасна, тие се уморија да не’ слушаат во нашите препирки и несогласувања, затоа е неопходно да се насочиме кон брзо решавање на животните и егзистенционалните приоритети на земјоделците и сите наши сограѓани, особено во време на вакви големи светски кризи“.

Ова е дел содржината на писмото во кое министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски се обраќа до пратениците од опозицијата и лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со апел да престане блокадата во интерес на земјоделците.

При тоа, Николовски бара да се деблокираат законите и да им се даде приоритет на законските решенија, закони преку кои,  како што пишува во писмото, „директно и индиректно зависат 20 000 семејства“. Повеќето од законите се во собраниска процедура од крајот на 2020 година.

„Ако сакаме, нашите граѓани да бидат спокојни мораме да покажеме на дело дека сме обединети околу најважните и стратешки приоритети во овој сектор. Мораме да ги антиципираме предизвиците кои доаѓаат во оваа област, а кои ќе ги почувствуваме идната година доколку со време не реагираме. Сакале или не, политиката е дел од нашето секојдневие, но, не смее да стане пречка за граѓаните кои својот труд го вложиле на нива, во фарма на поле, и кои произведуваат храна. Доаѓањето и останувањето на власт не треба да ни биде единствената кауза, за ова постојат демократски механизми кои се општо познати и воспоставени. Почитуван г-дин Мицковски, почитувани пратеници, ова писмо не е политички пазар, ова е апел преку кој се обидувам да укажам на потребата од разум и валоризирање на земјоделскиот труд, пишува Николовски.

Веќе втора недела пратениците на ВМРО ДПМНЕ ја блокираат работата на Собранието на РСМ. Оваа партија побара лидерска средба, на која ќе се разговара за предвремени избори. Закажа и протест за 18 јуни.