Директорот на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), Ивица Тодоровски врз основа на домашните и светските мерења и анализи, најавува намалување на месечните врнежи за 40 отсто и присуството на екстремно високи летни и екстремно ниски зимски температури. Во објаснувањето трнугва од поплавата во Скопје од 1962 година, а во август 2016 годин, кога интензивните врнежи го достигнаа својот максимум во Стајковци. Според податоците на 6 август 2016 регистрираниот рекорден интензитет е со веројатност за ваква појава еднаш во илјада години. (На Главната метеоролошката станица во Скопје на Зајчев Рид е забележан рекорден интензитет за петчасовни врнежи (од 17 до 22 h) 84,5 mm. Апсолутниот рекорд на дневно количество на врнежи во Републиката изнесува 201 мм, забележан во јуни 2004 година во Гевгелија.
-Според податоците на УХМР и сушата и долготрајните сушни периоди без врнежи не се непознати во нашата Република. Изразениот дефицит на врнежи во периодот 1984 – 1994 значително влијаеше на земјоделското производство и на водостојот во акумулациите и природните езера. Повеќегодишната анализа на временските и просторните карактеристики на сушите, потврдува дека Северна Македонија е под сериозен ризик. Од вкупниот број на анализирани години (околу 70), скоро во 30 отсто од годините е забележана појава на суша. Појавата на екстремно високи летни и екстремно ниски зимски температури е зачестена појава особено во последните години и се блиски до рекордните, екстремно максималната температура на воздухот 45,7 степени Целзиусови измерена во Демир Капија во јули 2007 година или до апсолутно најниската -31,5 измерена во Берово во јануари 1954 година, објаснува Тодоровски во интервју за „Порта“.
Според Тодоровски, досегашните климатски сценарија укажуваат дека сосема сигурно ќе има постојано зголемување на температурата во периодот до 2100 година. Во споредба со периодот помеѓу 1961 и 1990, очекуваните промени во иднина ќе бидат најинтензивни во најтоплиот период од годината.
-За периодот помеѓу 2025 и 2100 година се очекува пад во врнежите, во сите годишни времиња и на годишно ниво, а најголемо намалување ќе има во текот на летото. Интензитетот на промените е најголем во најтоплиот дел од годината (во јули и август, можеби и воопшто нема да има врнежи), а во студениот период од годината се очекува намалување во врнежите од дури 40 отсто од просечните месечни количества, вели Тодоровски.
Првиот човек на УХМР потсетува на 2001 година, кога се случи екстремна суша на целата територија на Републиката. Некои податоци покажуваат намалување на земјоделските производи во споредба со 1999 година.
-Ефектот на сушата, исто така, влијаеше на намалување на културите во 2002 година, како резултат на задоцнувањето на есенското засејување (во Југоисточниот Регион намалување на полињата за 43 отсто).Исто така, 2007 година почнала со неповолни хидролошки услови и се развила како година со јака и екстремна суша, особено во западниот дел на земјата. Во Пелагонискиот Регион, поради сушата биле под закана 8.500 хектари пченица, четири илјади хектари јачмен и 1.400 хектари ’рж. Загубите на пченица изнесувале 32 отсто. Валандовските плантажи (Вардарски Регион) биле загрозени од сушата, производството на цреши било намалено на половина во Источниот Регион, како и производството на пиперки во Југоисточниот Регион. Се намалило нивото на водата во Преспанското и Охридското Езеро, а хидроцентралата Дебар-Шпилје го намалила производството на енергија за 14 отсто, кажа Ивица Тодоровски во интервјуто.
Според него, сушата била индиректна причина за многу шумски пожари кои речиси секоја година уништуваат 3.200 хектари шума.
Интервјуто е објавено во Порта.мк