Одлуката на СПЦ денеска пред Синодот на МПЦ, потврдено заедничката литургија во Белград – ММС
ММС

Објавено на: 05/18/22 8:26 AM

Одлуката на СПЦ денеска пред Синодот на МПЦ, потврдено заедничката литургија во Белград

Синодот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија денеска ќе одржи координативна седница, на која ќе биде разгледана одлуката на Српската православна црква, која завчера прогласи канонско единство со МПЦ-ОА, што подразбира најширока можна автономија, но не и автокефалност.

На седницата, како што потврдија вчера за МИА извори од МПЦ-ОА ќе бидат разгледани и сите прашања, кои се појавија изминатите денови по одлуката на СПЦ и што тоа значи за нашата црква. Секако јавноста очекува и официјален одговор во однос на најавената литургија за помирување на архиепископот Стефан и српскиот патријарх Порфириј утре во храмот „Свети Сава” во Белград, која веќе и официјално е најавена на страницата на СПЦ.

Литургијата, според информациите на СПЦ ќе почне во девет часот, а ќе сослужуваат сите архиереи на двете цркви. Патријархот Порфириј, како што наведуваат, српските медиуми, го повикал верниот народ во што е можно поголем број да присуствува на архиерејската литургија.

Соборот на СПЦ во одлуката, која ја донесе, наведува дека се „поздравува прифаќањето на општо признатиот канонски статус на најширока можна автономија, односно целосна внатрешна независност на МПЦ, доделен во 1959 година”. Со ова, според српски извори е „решен спорот што датира од 1967 година кога Македонска православна црква се одвои од СПЦ”.

МПЦ-ОА во јавноста се уште не излезе со единствен став во однос на одлуката на СПЦ и за тоа дали таа е согласно претходната одлука на Вселенската патријаршија и води до автокефалност или пак претставува чекор назад.

Извори од МПЦ-ОА завчера за МИА, изјавија дека МПЦ-ОА не добила покана и не планира одржување заедничка света архијерејска литургија меѓу великодостојниците на нашата и на Српската православна црква на крајот на годишниот Собор на СПЦ, што започна изминатиот викенд во Сремски Карловци, а чиј работен дел во наредниве денови продолжува во Белград, но по објавата на СПЦ, останува денеска Синодот да даде појаснување за јавноста.

-Засега имаме само официјално соопштение од страна на СПЦ и мал милион толкувања на истото од стручни и нестручни лица. Има многу пристрасност во толкувањата. Дел од политички, дел од национален и секаков друг аспект. Има и судир на суети, на лични интереси. Затоа и ја имаме оваа какофонија во јавноста, изјави вчера за Дојче веле отец Пимен, митрополит на Европската епархија на МПЦ-ОА.

Отец Пимен вели дека не би сакал да се впушти во непотребни толкувања кои би долеале масло на огнот.

– Деновиве секако не ни се дадени за меѓусебни обвинувања, лов на вештерки и непотребни кавги, туку за благодарење на Бога за враќањето во канонското единство со православниот свет и молење на Бога Света Троица за омудрување пред донесувањето на одлука за следните чекори, дециден е митрополитот Пимен.

Тој повикува на воздржаност до денешната координативна седница на Синодот на МПЦ-ОА. -На неа ќе се споделат сите нам достапни информации и ќе се појаснат, а за она што и нам не ни е јасно, комисиски ќе се побараат појаснувања од страна на СПЦ, вели митрополитот Пимен.

 

МИА