Велес, родниот град на доајенот на македонското глумиште Петре Прличко, во негова чест почнува да организира нов фестивал – „5ре”. Фестивалот ќе има ревијален карактер и годинава ќе претстави седум хит комедии од македонските театари и две претстави за деца.
Ќе биде отворен в четврток во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов–Џинот” кога ќе биде врачена и традиционалната награда „Петре Прличко” за животно дело во актерската дејност, годинава на Игор Џамбазов, внук на Петре Прличко. Во чест на наградениот ќе биде изведена претставата „Слуга на двајца господари” на велешкиот театарски ансамбл со што ќе биде отворен фестивалот кој ќе трае до 28 мај.
Ненад Витанов, режисер и член на организациониот одбор, денеска на прес-конференција потенцира дека преку овој фестивал ќе му се оддаде почит на Петре Прчилко преку популарни претстави како што беше популарен и Петре.
Тој информираше дека на програмата се девет фестивалски претстави, од кои шест на сцената на Велешкиот театар, една на отворена сцена во Младинскиот парк, а во дополнителната програма и две претстави за деца.
Зоран Љутков, актер и актуелен претседател на Советот на Општина Велес, истакна дека со години наназад велешката театарска публика може да види одлични театарски продукции, како и комедии кои се од потешките жанрови за играње.
.-Ова не е ниту случајно, ниту инцидентно, туку логичен потег, Велес да добие ваков театарски фестивал, со домашни популарни претстави на македонските театри. Се надевам дека ќе доживее голем успех, рече Љутков.
Детските претстави во придружна програма се „Чунгалунговски, Пепелашка и Принцот Тортичка“ на штипски театар на 26 мај и „Супербајкастично“ на Театарот за деца и младинци на 28 мај сабота.
Основач и покровител на фестивалот е Општина Велес која и го финансира, а организатор е велешкото Здружение „Плус публика”.
МИА
фото: Twitter