Руската научна, образовна и културна пајажина во Северна Македонија – ММС
ММС

Објавено на: 05/1/22 11:30 AM

Руската научна, образовна и културна пајажина во Северна Македонија

Пајажината на руското влијание во Северна Македонија се гради и преку науката, образованието и културата. Тоа се постигнува со пласирање теми поврзани со научното, културното и образовно, па и религиско заедништво со Русија, заеднички настапи и одбележувања значајни датуми, изјави на претставници на академската заедница и реакции на медиумите поврзани со прослави, активности и конкретна поддршка што доаѓа од Русија

 

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за правна држава и човекови права

 

Еден од најмоќните носители на руското влијание преку науката претставува Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Врските со Русија, особено со Руската академија на науките, се негуваат, зацврстуваат и промовираат со јасно истакнат посебен статус на руската наука и посебен респект што академиците го имаат кон неа, како на пример преку написот за обраќањето на претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев:

КОЦАРЕВ: Руската наука го задолжи светот, МАНУ и РАН ја засилуваат соработката со нов договор

Чекор понатаму оди во објаснувањето на значењето на руската наука за сесветскиот напредок поранешниот ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје:

Поранешниот ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Велимир Стојковски, кој е и почесен конзул на Русија во Охрид, на свеченото отворање на научната конференција откри дека денешниот современ свет не би можел да се замисли без руските откритија и изуми – електромотор, радиоприемник, велосипед, колор-телевизор, ласер, авион, ракетно-космичка техника и многу други.

Интересен облик на влијание претставува директното пренесување информации од руски медиуми во кои преку перцепцијата на руските граѓани се велича руската наука, без дополнителни објаснувања, споредби или поширок контекст на прикажаните податоци:

Tретина од Русите веруваат дека руската наука е пред сите други во светот и тие сметаат дека борбата против корона-вирусот е едно од најголемите достигнувања во последните неколку години.

Ова го покажуваат резултатите од истражувањето спроведено од Рускиот центар за истражување на јавното мислење.

„Најчестиот одговор на Русите е дека најголемите достигнувања на руската наука се борбата против корона-вирусот и развојот на вакцината. Втор најчест одговор е рускиот военоистражувачки и военоиндустриски комплекс“, стои во извештајот за истражувањето, пренесува „Тасс“.

Речиси една третина од Русите сметаат дека руската наука е пред сите други на глобално ниво, додека 34 проценти сметаат дека малку заостанува.

Во отсуство на објаснување или компарација, вака прикажаните податоци кај јавноста градат впечаток на доминација на руската наука во светски размери.

Ваквиот впечаток се потенцира и со посебно дизајнирани наслови со кои се гради извртена или нецелосна слика за настани што се однесуваат на конкретни достигнувања на руската наука. На пример, зад насловот РУСИЈА ЛАНСИРАШЕ МОЌЕН ТЕЛЕСКОП ШТО ЌЕ ГО СКЕНИРА КОСМОСОТ ДО ДЕТАЛИ, стои текст во кој само на едно место се појавува податокот дека е тоа заеднички проект со Германија

Една од најзначајните руски научни вселенски мисии во постсоветската ера денеска беше лансирана од Бајконур.

Телескопот Спектр-РГ е заеднички проект со Германија и тој ќе прави мапирање со рендгенски зраци на целото небо до досега невидени детали.

Според официјалните податоци од интернет-страницата на МАНУ и според податоците од медиумското известување, во МАНУ како највисока научна институција во државата се одржуваат само денови на Руската наука и денови на Бугарската академија на науките, а не и некои други вакви или слични манифестации поврзани со претставување на науката на други држави, држави членки на НАТО или на ЕУ или денови на науката на САД.

Кога станува збор за деновите на руската наука, тие не само што се дел од активноста на МАНУ, туку наоѓаат широк простор во медиумите, каде што на различни начини се широко покриени активностите поврзани со одржувањето на овие денови (МКДВечерНова МакедонијаДенешенКанал524Инфо, …

…македонските и руските научници отсекогаш имале и имаат плодна соработка. Има интерес таа да се интензивира, да се реализираат заеднички проекти и истражувања, а обновливите извори на енергија, безбедната храна и заштитата на животната средина се само некои од областите со значителен потенцијал.

МАНУ не се задржува само на една манифестација со која се одбележува напредокот на руската наука и/или врските со Русија. Академијата во повеќе наврати иницира и остварува настани што се однесуваат на односите меѓу Македонија и Русија, како на пример:

Македонија и Русија/СССР (историја-политика-култура) од Првата светска војна до формирањето на современата македонска државност (1941–1944)

Ваквиот вид научни собири (со кои се создава перцепцијата на заедничка култура, но и со кои се приближуваат академските заедници) има долгогодишна пракса:

Македонија и Русија/СССР (историја, политика, култура) од Првата светска војна до формирањето на современата Македонска државност (1914-1944) : материјали од IV македонско-руски научен собир, Охрид, 17-18. IX 2008

Статусот и авторитетот што го има МАНУ во државата создава простор овие и вакви манифестации да бидат перцепирани од јавноста како промоција на Русија, рускиот систем на вредности и меѓународната политика на Русија, односно да создадат плодна почва кај пошироката јавност за безрезервна поддршка дури и во ситуација на агресија на Русија врз друга држава (како што е случајот со агресијата врз Украина).

Руската култура и рускиот јазик се промовираат во Северна Македонија на различни нивоа и на различни начини. Има слична промоција на културите и јазиците и на други држави, меѓутоа тие ни од далеку не се толку обемни, ниту, пак, наидуваат на толкав интерес од страна на медиумите.

Одбележувањето на деновите на руската култура и јазик многу често покрива и цел месец со редица настани, научни расправи, културни манифестации.

Месецот октомври 2021 ќе биде посветен на посета на училишта во кои се изучува рускиот јазик во Македонија. За учениците ќе се одржат кратки предавање за Русија, руската култура и литература, а на библиотеките на училиштата ќе им бидат подарени книги на руски автори во превод на македонски.

Оваа пракса има подолга историја и не ретко се поврзува со поимањето на сесловенството и со религијата:

 Деновите на духовната култура на Русија во Македонија ќе продолжат во текот на целиот месец, а ќе завршат со концерт на познатиот руски ансамбл „Рус“ на 18 јуни. Влезот за сите манифестации ќе биде бесплатен.

Деновите на духовната култура на Русија во Македонија се организираат во рамки на програмата на руската амбасада по повод Денот на рамноапостолните браќа Свети Кирил и Методиј.

Деновите на „духовната култура на Русија“ вообичаено содржат многу и различни настани, различни содржини и таргетираат различни возрасни групи:

Со изложбата на детски цртежи „Душа на Русија“ на 26 мај (четврток), во 17 часот, во „Порта Македонија“ ќе почнат Деновите на духовна култура на Русија во Македонија, додека во 19 часот, во Домот на АРМ, ќе се одржи главната церемонија на отворањето и концерт на хорската капела „Јарославија“ на Јарославската државна филхармонија.

Влијанието на овој и ваков вид настани се мултиплицира со тоа што активностите и содржините поврзани со одбележувањето на руската култура и јазик вообичаено се одржуваат во повеќе градови во државата. На пример, во објавата на Фестивалот на руската култура и во Македонија се истакнува:

Имаме голема чест да Ве известиме дека од 17 до 23 декември 2013, во повеќе градови во Македонија ќе се одржи Фестивал на руската култура, чии организатори се Здружението на руски сонародници „Чајка“, Меѓународниот славјански универзитет „Г.Р. Державин“ и Тамбовскиот државен универзитет „Г.Р. Державин“. Овој проект е реализиран со финансиска поддршка од Владата на градот Москва.

Следниот начин на руско влијане се остварува преку Рускиот културен центар. Во Македонија има повеќе културни центри на различни држави, меѓутоа тие не можат да се пофалат дека се составен дел (организациска единица на Универзитетот) и поддржани од нашиот најстар универзитет „Св. Кирил и Методиј“. Рускиот културен центар е отворен во 2016 година и на неговото отворање тогашниот ректор на УКИМ изјавува:

Рускиот центар е основан како организациска единица на Универзитетот со одлука на универзитетскиот Сенат, а за Рускиот центар обезбедивме сопствен простор од повеќе од 200 м2 во центарот на градот и прекрасно го уредивме, со што мислам дека тој е еден од најубавите и најголемите руски центри во регионот.

И на веб-страницата на Центарот се истакнува дека:

Рускиот центар е единица при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, основана во 2015 година, а со активна работа започнува на 11 јануари 2016 година.

И според објавите на официјалната страна на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“,  Рускиот центар е составен дел на Универзитетот формиран од страна на руска фондација „Руски мир“, која, пак, е формирана со декрет на претседателот на Руската Федрација, Владимир Путин. Меѓу задачите/целите на оваа фондација се наведени:

  • формирање општествено мислење наклонето кон Русија, распространување знаење за нашата земја;
  • создавање систем на експертска поддршка за хуманитарната димензија на надворешната политика на Русија;
  • поддршка на средствата за масовно информирање и информационите ресурси на руски јазик во странство;
  • поддршка на руски интернет-страници создадени во странство;
  • интеракција со Руската православна црква и други конфесии во промовирањето на рускиот јазик и руската култура.

Според мислењето на поранешниот дописник на „Нова Македонија“ од Москва, Мирче Адамчевски, (пренесено во рамките на анализата на Радио „Слободна Европа“):

Фондот „Руски мир“ е дел од стратегијата на Владимир Путин за настап на Балканот, но и пошироко во целиот свет, затоа што Русија политички го загуби Балканот, тоа е факт одамна, и сега Русија настапува на Балканот со култура и со економија. Руски центар на Фондацијата „Руски мир“ како дел од таа стратегија се отвара и во Македонија, но да не заборавиме дека тој веќе е присутен на Балканот и низ светот.

Самиот УКИМ не само што го поддржува Рускиот центар како дел од сопствената структура, туку активно учествува и во активностите поврзани со деновите на руската култура

Од среда почнува културната програма по повод Деновите на рускиот јазик. УКИМ ја претстави својата богата програма

Покрај Рускиот центар и активностите што се поврзани со одбележувањето на деновите на руската култура, во 2019 година е формирана и Фондација за поддршка на руско-македонските односи, која (според презентираната мисија на официјалната страница на Фондацијата) се бави, пред сè, со наука, образование, култура и економија. Паѓа в очи тоа што на страницата на Фондацијата, како прв проект што го спроведува, се појавуваат преводот и печатењето на збирката со поезија на актуелниот министер за надворешни работи на Руската Федерација, С. Лавров.

Со оглед на тоа дека како основачи и членови на советот на доверители на оваа фондација (меѓу кои е и висок свештеник во Руската православна црква) се појавуваат само руски државјани, не е јасен уделот на македонската академска и/или интелектуална заедница во нејзиното управување/работење, а на интернет-страницата нема информации за финансирањето, извештаи и/или податоци за правниот статус на Фондацијата.

Руското влијание преку образованието и културата продира и на општинско ниво. Некои од општините директно се вклучуваат во промовирањето на руската култура

Уште една манифестација за промовирање на културата во Општина Кисела Вода. На 7.6.2021 година (понеделник), и оваа година, во соработка со Руската амбасада, jа одбележавме 222–та годишнина од раѓањето на Александар Сергеевич Пушкин.

Додека во други (како на пример, Општина Центар) тоа се прави со изградба на тематско-едукативно  детско игралиште (пуштено во употреба на крајот од 2021 година):

Игралиштето, на кое треба да си играат деца од околните згради, е со подлога – мапа на Руската Федерација и испишано е името на државата „Русија“ на руски јазик.

Интересно е дека во моментот на пуштањето на игралиштето на оградата од истото (на која се испишани имињата на повеќе руски градови) се наоѓа и градот Севастопољ (кој се наоѓа на Крим и е предмет на спор меѓу Руската Федерација и Украина).

Дури по неколку месеци и директно барање поставено од страна на Амбасадата на Украина во Македонија е отстрането името на овој град од низата во поставената ограда.

Руското влијание преку образованието некогаш е многу тешко да се одреди. Може само да се претпостави според настапите во јавноста на професори на универзитетите во Северна Македонија, нивни изјави или изнесени ставови. Она што останува како неодговорено прашање е на кој начин и колку  овие и други професори (кои не се толку присутни во јавноста) промовираат идеи со кои се поддржува политиката на денешна Русија и се гради чувство на блискост и заедништво меѓу Северна Македонија и Руската Федерација.

Само како пример може да ја посочиме континуираната промоција на Русија во Македонија од страна на професорката на Правниот факултет Каракамишева:

Или, кога професор на најстариот универзитет во Македонија и ректор на тој универзитет ќе изјави:

Навистина, тешко ми е во неколку зборови да кажам што за мене претставува Русија. Почитта и љубовта кон Русија е истата од далечната 1976 година, од моите први контакти со рускиот јазик во основното образование. Зборот Русија е голем колку што е голема и самата Русија. Тој е синоним за најголемата и најмоќна држава на светот, за центар на словенството, за земја и народ што се вградија во темелите на светската култура и цивилизација, за земја што храбро, положувајќи 27 милиони жртви, му стави крај на едно од најголемите зла на човештвото – фашизмот.

Ваквите изјави и многу прецизно и јасно искажани ставови од страна на претставници на академската заедница, не може да немаат влијание и врз самата академска заедница и врз пошироката јавност во Македонија.

Интересен начин на промоција на руската „култура“ претставува нејзиното поставување како антипод на западната „некултура“. Овој начин на руско влијание се манифестира на различни нивоа и на различни начини.

Од позиција на академик,Љупчо Коцарев (физичар), на пример, ни ги објаснува заблудите на власта во однос со поврзувањето со „Западот“:

Значењето на Преспанската спогодба, според некои автори, има повеќе димензии. Прво, за САД примарната цел на Преспанската спогодба беше покажување агресивна дипломатија кон Русија (која што го презеде водството на Блискиот Исток) и Кина (којашто економски продираше во регионот), при тоа, не водејќи сметка за ефектите, без оглед дали биле намерни или не, врз политиката на проширување на ЕУ. Второ, „решението“ за спорот за името беше мотивирано од геополитичка „итност“, т.е. од потребата за зацврстување на НАТО на Балканот во контекст на можната нова студена војна и требаше да послужи како увертира за решавање многу поважно геополитичко прашање – односот Белград /Приштина. Трето, очигледното непочитување на негативните ефекти што произлегуваат од Преспанската спогодба за македонското општество укажува на тоа дека Западот (особено САД) е подготвен да жртвува еден неважен пион, Македонија, за поголем геополитички интерес, дури и ако тоа значи распаѓање на државата и обновување на регионалниот поредок

Во целото интервју Коцарев во ниту еден момент отворено не заговара свртување кон Русија, меѓутоа целокупниот текст ја нуди таа алтернатива како рамноправна, па дури и попосакувана за Македонија од аспект на задржување на идентитетот и целокупноста на државата.

Како пример може да се земе и долгогодишната колумнистка на весникот „Нова Македонија“, а сега редовен колумнист на порталот „Слободен свет“, Мирка Велиновска, која објаснува:

Ова и пред Волфовиц, во подалечната 1976 година во интервју за неделникот СТАРТ од Хрватска го има кажано еден од ретките автентични интелектуалци, Гор Видал. Имено, тој на прашањето зошто од САД се преселил во Европа рече: „Има само една причина. Овде секој еден, вклучително и деца од осум години знаат кој е Достоевски, Толстој, Тургењев, Пушкин, Есенин, кој е Мендељштајн. Кој е Чајковски, Римски Корсаков, Мајаковски. Кој е Казимир Маљевич, Шагал, што е наука и што е вистинско образование. Во мојата татковина САД ни студенти од 20 години немаат поим каква раскошна цивилизација и светско богатство е руската култура.

Иако, навидум станува збор за критика на образовниот систем на САД, во контекст на целиот напис всушност се гради јасна дистинкција меѓу импотентниот „запад“ и научно потентниот „исток“.

Фашизмот кој го фураат како своја напредна „демократска“ политика западните дивјаци е од една единствена причина. Тие интимно се длабоко свесни оти се инфериорни наспроти интелектуално потентните Русија, Кина, Индија, Иран, Јужна и Северна Кореа, Виетнам, Сирија, Турција…

Се разбира во ваквиот вид написи никогаш нема податоци, бројки или факти со кои би се потврдило или поткрепило кое било од наведените тврдења, меѓутоа останува силниот впечаток на моќната наука и култура на Русија наспроти дивјаштвото на тие од западот.

Во слична насока (со уште поексплицитен заклучок дека Русија и Македонија се вештачки поставени во улога на спротивставени страни и покрај тоа што меѓу нив нема конфликт) е и писмото што професорката Ванковска го упатува до својот колега професор, а во кое утврдува дека

Русија ни потврдија дека сме и’ непријател! Точно, колега Дескоски! Што би друго откако ние и’ кажавме дека не само што ја сметаме за непријателска држава, туку дури и нејзината култура и уметност ги сметаме за такви! Колкава ученост и мудрост е потребна за да се констатира дека две држави кои немаат директен судир и конфликт станале непријателски?!

Некогаш во ширењето на руското влијание преку науката, образованието и културата и, пред сѐ, нејзините највисоки претставници, е исто толку важно она што не го кажуваат/прават отколку тоа што го кажуваат/прават.

Само како пример можеме да го посочиме штурото соопштение со кое МАНУ дава поддршка на Украинската академија на науките, во кое многу очигледно се избегнува да се спомне Русија (особено не како агресор или дури и инволвирана страна), воена акција или кој било друг израз што може да ја прикаже реалната положба и реалните односи меѓу двете држави

Повикувајќи се на Повелбата на Обединетите нации, а особено од деловите што се однесуваат на зацврстување на „нашите верувања во темелните права на човекот, во достоинството и во вредноста на човечката личност, во рамноправноста меѓу мажот и жената како и на сите нации, големи или мали“; Тргнувајќи од Универзалната декларација за човекови права, а особено Членот 3 според кој „Секој има право на живот, слобода и сигурност“; Најостро осудувајќи го загрозувањето на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина;

Претседателството на Македонската академија на науките и уметностите повикува на толеранција, заеднички соживот во мир и почитување на човековото достоинство и права; Се залага за исклучување на секакво насилство и решавање на сите спорови по мирен пат; и Изразува силна морална поддршка до Украинската академија на науките и украинскиот народ.

Може да заклучиме дека руското влијание преку науката, образованието и културата е долготрајно, тешко се детектира, многу е раширено и, пред сѐ, пенетративно, поради статусот на луѓето вклучени во тоа, нивното непосредно и посредно влијание врз пошироката заедница, како и широкото медиумско покривање, кое во голема мера ги надминува сите други.

Мрежата на руско влијание создава впечаток на поврзаност, поддршка, припаѓање, наспроти оние „другите“, кои најчесто немаат основа во вистинскиот бенефит на државата и граѓаните на Северна Македонија, меѓутоа се секогаш и опстојчиво присутни кај пошироката јавност.

Метаморфозис