Штип пред консултации за нов референдум – ММС
ММС

Објавено на: 05/17/22 1:14 PM

Штип пред консултации за нов референдум

За наредната недела локалната власт во Штип најавува серија консултации со политичките партии, а потоа и со граѓаните за распишување на локален референдум. Целта е да се види расположението и добие согласноста за распишување на референдум, преку кој граѓаните на Штип ќе можат да се изјаснат дали собраните 1,2 милиони евра од самопридонесот пред 20 години, ќе може да се искористат за реконструкција на дотраената водоводна мрежа. Парите стојат на наменска сметка и според законот, не можат да бидат употребени без референдумско изјаснување на граѓаните. Овие средства се собрани од граѓаните, кои исто така на референдум во 1994 година, одлучија да собираат пари за изградба на брана на Козјачка река. Браната никогаш не беше изградена, дел од парите – околу половина милион евра завршија кај двете јавни претпријатија како позајмици кои никогаш не беа вратени, додека 1,2 милиони евра се замрзнати на наменската сметка.

Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, вели дека овие средства би биле употребени за замена на дотраените поцинкувани и азбестни водоводни цевки, кои секојдневно пукаат и ги оставаат граѓаните без вода.

-Овие средства би ги употребиле за замена на цевките во примарната водоводна мрежа во должина од 27 километри. Грубите проценки се дека требаат два милиони евра, за што ќе се предвидат пари и од општинскиот буџет. Но, оваа е начелна идеја, за која ќе започнеме дијалог со граѓаните и сите политички партии. Без согласност од сите не можеме да одиме на референдум, изјави Јорданов за ММС.

Проблемот со дотраената водоводна мрежа е неспорен, што во изминатите три недели најдобро го почувствуваа граѓаните од високите делови на градот. Меѓутоа, дали ќе има политички и граѓански консензус, особено ако се има во вид искуството од два неуспешни референдуми?

Имено, Штип памети два пропаднати референдуми и во двата случаи немаше политичка согласност од партијата која не беше на власт во време на организацијата.  Едниот беше парите да се пренаменат за изградба на спортска сала, додека другиот за брана на реката Отиња. Во едниот случај бојкотираа од ВМРО ДПМНЕ, во другиот СДСМ. И во двата случаи се загубија граѓански пари за организирање на неуспешниот референдум.

Сега ВМРО ДПМНЕ е на власт и со идеја за организирање на референдум. Како ќе одговори СДСМ?

-Немаме разговарано во партијата за оваа идеја за која слушаме од медиумите. Ќе разговараме, изјави Јане Миланов, претседател на штипските социјалдемократи.

Доколку би се распишал референдум на локално ниво, успешен е доколку има просто мнозинство на граѓани кои се изјасниле за предлогот. Досегашните два неуспешни референдуми покажаа дека тоа просто мнозинство е недостижно доколку двете големи партии не го повикаат своето членство да излезе и гласа. Во случајов, ќе зависи од позитивниот став на СДСМ, кој речиси секојдневно го критикува работењето на локалната власт на ВМРО ДПМНЕ и ЈП „Исар“.

 

 

В.К.