-Државата треба да воспостави форми на работа со деца чии родители се разведуваат или се развеле, бидејќи кај нив се јавува вознемиреност во тој период. Тие може да бидат збунети, повлечени па дури и агресивни, адаптирајќи се на новите услови на живот, вели за ММС проф. д-р Драгана Батиќ, психолог.
Психологијата на разводот од перспектива на децата таа ја обработи како тема во својата најнова книга „Децата и разводот“, што го искористивме како повод за разговор со оваа авторка. Додека мај се одбележува како месец посветен на менталното здравје, со Батиќ разговараме какви психолошки последици остава разводот врз децата.
Како разделбата на родителите може да се одрази врз психичкото здравје кај детето и дали возраста игра улога во однос на реакцијата при дознавањето на веста за разводот?
-Самиот развод не мора да биде негативен по менталното здравје на децата, тоа зависи од функционирањето на семејството, односно од тоа колку родителите го задржуваат родителскиот однос – дали имаат комуникација околу детето, дали се договараат, дали детето има видување со другиот родител и така натаму. Практично, разводот сам по себе не доведува до негативни последици, туку функционирањето на семејството и после разводот. И покрај тоа што на родителите партнерскиот однос им се нарушува односно се прекинува, родителскиот однос мора да продолжи.
Децата реагираат во однос на својата возраст, помалите се вознемирени во врска со разводот. Тие не разбираат точно што се случува, но разбираат дека се случува нешто емоционално и важно е родителите да им кажат што се случува на начин којшто ќе биде прилагоден на нив. Не треба да кријат од децата, затоа што тие го чувствуваат тоа. Тие може да реагираат со соматски проблеми, да ги боли глава или стомаче, да имаат напад на бес или агресивно однесување. Малите деца мислат дека разводот е нивна вина и важно е родителите да им објаснат на децата. Потоа, децата на училишна возраст, односно од 9 до 15 години се затворени околу тоа и важно е да се разговара со нив, да се види што мислат. Родителите тоа треба да го направат, а можат да ги однесат и кај стручно лице.
Во период на адолесценција децата веќе знаат што се случува и тука може да реагираат исто така незгодно затоа што во нивниот развоен период имаат развојни проблеми кои треба да ги решаваат. Ако разводот дојде во адолесценцијата, децата може да бидат збунети, да се плашат што ќе се случи со нив, како ќе функционираат понатака и слично. Може да се јави страв дека ќе бидат сиромашни ако живеат со еден родител. Најчесто попуштаат со учењето поради стресот. Секое дете реагира на разводот и важно е родителите како комуницираат меѓу себе. Разводот е стресен за сите во семејството, но за децата најмногу. Тоа што се случува со родителите, децата не го посакуваат и затоа на која било возраст тоа е стрес. Но, како понатака ќе се одвиваат работите зависи од родителите. Тој првичен стрес трае околу две години, потоа децата и родителите се навикнуваат на ситуацијата и не се очекуваат некои поголеми проблеми доколку родителите функционираат.
Родителите ја имаат одговорноста да го направат соопштувањето помалку стресно за детето, но која е тука улогата на психолозите, педагозите и семејнолозите? Кои се стручните лица кои може да се вклучат тука за да биде помала траумата за детето?
-Кај нас малку се зборува на оваа тема и децата на разведените родители се категорија која е невидлива. Има сѐ повеќе разводи, негде во 91-та година секој триесети брак се разведувал, во последниве години секој шести-седми брак е разведен. Моите колеги психолози во училиштата велат дека има многу голем наплив на деца од разведени родители. Тука целото семејство вклучително и децата треба да се подготват на развод, но кај нас нема установа за тоа. Центар за социјална работа се вклучува секогаш кога има малолетници, но тие немаат време да работат со децата континуирано. Тие работат само со оние родители кои имаат проблем. Но, кога зборуваме за деца на разведени родители, зборуваме за превенција. Би требало психолози, педагози во училиштата да работат со децата групно.
Своевремено ние многу работевме, јас бев вработена во Центарот за социјални работи. Работевме и со деца и со родители. Потоа ги комбиниравме. Важно е на децата да им се даде шанса да зборуваат за она што се случува затоа што разводот е фактор на ризик за ментално здравје на децата.
Државата би требало да најде некои форми, советувалишта за деца, при училиштата, при центрите за социјална работа да се работи со овие деца.
На Запад тоа веќе се работи и е пракса, се формираат групи со слични проблеми и се работи со нив. Тоа се таканаречени психоедукативни работилници и со нив се превенира. Кај нас има приватни советувалишта каде што може да се плати и родителите да се подготват на таа ситуација со развод, да знаат што да прават. Нас никој не нѐ учи да бидеме родители, уште помалку да бидеме очув или маќеа, а тоа е една од најкомплексните улоги. Треба повеќе такви центри за ментално здравје каде што ќе се работи со вакви премрежја во животот, нови ситуации на кои семејството треба да се подготви.
Што би се превенирало со ваквите советувалишта, на кои појави ќе се влијае доколку ги имаме?
-Прво ќе се превенира стресот. Во првите месеци добро е да се работи на стресот, па на тоа што ги очекува децата во ситуации кога родителите се разведени, видување со едниот родител, можни нови бракови на едниот или другиот родител, можни нови роднини и така натаму. Емоционално децата го прифаќаат разводот низ одредени фази. Едната фаза е фаза на збунетост, па на очајување зошто тоа се случува. Потоа семејството се реструктуира, па децата на тоа се навикнуваат.
Разводот не само што е стресен бидејќи родителите прекинуваат да живеат заедно, туку бара и нови адаптации. Ако детето живеело на едно место, сега живее на друго, има ново училиште, нови другарчиња. Тоа е стресно и потоа родителите се окупирани со себе и со своите емоции во врска со разводот. Тоа е проблем бидејќи помалку им обрнуваат внимание на децата.
Првата фаза во разводот е фаза на нерамнотежа кога детето сфаќа што се случува. Во таа смисла треба да се работи на зголемување на детските способности да се носат со тие двосмислени ситуации, да се зајакне надворешната поддршка од баба, дедо и така натаму. Второто ниво е негирањето кога децата се социјално изолирани, се прашуваат како нивните другарчиња тоа ќе го прифатат. Потоа имаме фаза на самообвинување, мислат дека тие се виновни. Децата се бесни и знаат да бидат лути, добро е кога во група би можеле да ја изразат. Другото ниво е очај, кога веќе сфаќаат дека го губат семејството такво какво што го знаат и другото ниво е справување кога учат како да се справат со целата ситуација. На секое ниво се работи на одреден начин и тоа е научно покажано.
Се забележува ли стигма, има ли одредени предрасуди со кои се соочуваат децата чии родители се разведуваат?
-Мислам дека тоа го има сѐ помалку, но не се невообичаени. Најважно е детето кога родителите ќе се разведат има еден термин бинуклеарно семејство. Семејството има еден нуклеус, едно јадро. Потоа се разделува и мајката и таткото формираат или нови семејства или живеат сами, а најважно е детето да се чувствува и во едното и во другото семејство.
Со оглед на тоа дека сето ова го обработивте и во книга, колку преку пишаниот збор може за една ваква тема да ја зголемиме свеста во општеството?
-Мислам дека може да им се дадат идеи на младите психолози како да работат. Инаку сакам да споменам дека има и библиотерапија, тоа е еден од начините како да се справат децата со разводот. Мојата книга е стручна книга, замислена е како буквар на разводот, за стручњаците кои се занимаваат со ова. Направено е истражување, но насочена е и кон оние кои имаат потреба да се запознаат со некои фази на разводот, за луѓе кои планираат или веќе се разведени и сакаат нивните деца да трпат што помалку.
Понекогаш луѓето кои не се во добар однос со партнерот/партнерката знаат да кажат дека остануваат во брак поради детето. Дали е навистина добро за детето да биде дел од еден токсичен однос меѓу родителите, колку е ова оправдано?
Токсичниот однос никогаш не е добар за децата, подобро е добар развод отколку лош брак. Истражувањата покажуваат дека децата од конфликтни семејства помалку трпат од оние чии деца се разведени, а комуницираат меѓу себе. Моето истражување покажа дека децата на разведените родители не се во поголем ризик во споредба со останатите адолесценти. Најголем проблем е односот меѓу родителите, ако е тој конфликтен ќе има влијание врз децата. Ако нивниот одннос е добар дури и да се разведени нема да има негативен ефект?
Што значи да се има добар однос после развод? Дали тука се подразбира заедничко прославување на родителите на детето, одбележување на празници или во најмала рака една пристојна комуникација?
-Доволно е да имаат пристојна комуникација, да не глумат среќно семејство. Важно е детето да се чувствува добро, да биде прифатено, да се има со некоја комуникација и добро да се чувствува и во едното и во другото семејство ако има маќеа или очув. Овие деца имаат две, наместо едно семејство. Тоа не е страшно, но лошо може да биде ако нема воопшто контакт со едниот родител како што понекогаш се случува.
Споменавте дека се потребни околу две години за адаптација, но дали разводот остава далекусежни последици кај детето во однос на тоа како ќе ја перцепира љубовта и како ќе гледа на семејството кога веќе ќе биде возрасна личност?
-Пак ќе кажам, истражувањата покажуваат и такви некои карактеристики. Сепак, сѐ зависи од функционалноста на семејството. Не е толку важна структурата на семјството колку функционирањето на семејството. Ако добро функционира нема да остави трајни траги.
Вања Мицевска
Фото: Литература мк / Designed by Freepik