Нема да дозволиме Шведска и Финска да влезат во НАТО, рече Ердоган – ММС
ММС

Објавено на: 05/16/22 8:35 PM

Нема да дозволиме Шведска и Финска да влезат во НАТО, рече Ердоган

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, чија земја е членка на Северноатлантската алијанса, денеска изјави дека нема да дозволи Шведска и Финска да влезат во НАТО, пренесува Хина.

Ердоган на прес-конференција рече дека шведската и финската делегација не мора ни да доаѓаат во Турција за да се обидат да ја убедат Анкара да го поддржи нивното барање.

– Турција не може да каже „да” за членството на Финска и Шведска во НАТО, без навреда, тоа е невозможно, рекол Ердоган, пренесува Хина повикувајќи се на РИА Новости.

– Како да им веруваме? Шведска е плодна почва за терористички организации, рече шефот на турската држава.

Шведската премиерка Магдалена Андерсон денеска претходно изјави дека нејзината земја ќе поднесе барање за членство во НАТО.

– Владата одлучи да го информира НАТО за волјата на Шведска да стане членка на Алијансата. Напуштаме една ера за да влеземе во нова, рече Андерсон, еден ден по објавувањето на кандидатурата на Финска.

Ердоган уште во петокот рече дека Турција нема позитивно мислење за можното членство на Финска и Шведска во НАТО.

– Турција нема позитивно да го поздрави приклучувањето на Финска и Шведска во НАТО, нагласи Ердоган, оквалификувајќи ја иницијативата како грешка.

– Немаме позитивно мислење. Скандинавските земји се како гостинска куќа за терористички организации, изјави Ердоган по петочната молитва во Истанбул.

Турција традиционално ја поддржува политиката на отворени врати на НАТО за натамошно проширување. Сепак, Анкара задржа неутрална позиција во украинската криза и ја презеде улогата на посредник одржувајќи канали за комуникација со двете завојувани страни.

Од почетокот на конфликтот, Анкара понуди да посредува меѓу двете страни и да биде домаќин на мировните преговори, нагласувајќи ја својата поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.

МИА