Оние што се греат на струја ќе плаќаат повеќе – Се воведуваат блок-тарифи само во скапата тарифа – ММС
ММС

Објавено на: 05/16/22 3:19 PM

Оние што се греат на струја ќе плаќаат повеќе – Се воведуваат блок-тарифи само во скапата тарифа

Измените на тарифниот систем се најголеми во независна Македонија. Она што е сигурно дека ќе се воведат блок-тарифи кои во моментов ги правиме со Машинскиот и Електро факултетот, рече директорот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.

– Блок-тарифите нема да важат за евтината струја. Потрошувачката ќе биде неограничена и нема да постојат блокови. Искуствата во регионот ни покажуваат дека ќе бидеме земја што прва ќе примени блокови само за скапа тарифа затоа што сметаме дека домаќинствата треба да ја користат евтината тарифа и затоа што тоа му одговара на нашиот енергетски систем. Во ноќните часови имаме и вишоци на електрична енергија – рече Бислимоски.

Втора работа што е сигурна, дека највисокиот блок ќе биде со цена блиска до пазарната. РКЕ тоа го прави од следните причини: 17 домаќинства во земјава трошат 10% од вкупната потрошувачка на домаќинствата или тоа е приближно околу 330 милиони киловат часови, односно 17 домаќинства трошат 30% од хидропроизводството на ЕСМ.

– Немаме против, но тие домаќинства ќе плаќаат цена блиску до пазарната. Македонија е земја која е што енергетски сиромашна и со оваа мерка ќе придонесеме да се намали потрошувачката на домаќинствата и да почнеме рационално да трошиме. Вакви блок-тарифи има во Србија, во Косово од неодамна се воведени тарифи, а ова го планира и Албанија. Во Србија постојат три зони: зелена – со потрошувачка до 350 киловати до час, сина зона – од 350 до 1600 киловати и црвена зона со над 1.600 киловат часови. Во Косово има поделба до 800 кв/ч и над 800 кв/ч. Односот помеѓу ниската и високата тарифа е 2:1. Ние ќе одиме со опција со три или четири блока за да имаме поголем опфат на граѓаните кои се ранливи категории, за оние што имаат минимална потрошувачка и оние домаќинства кои немаат друга опција на греење освен електричната енергија. Тоа во најголем дел е во сите градови надвор од Скопје – додаде Бислимоски.

Анализите на РКЕ покажале дека имаме 660.000 домаќинства. Имаме 21,49% домаќинства кои трошат од 0 до 100 кв/ч и тие се најбројни, од 100 до 200 киловат/часови трошат 14,4% од домаќинствата, од 200 до 300 кв/ч трошат 14,86%, од 300 до 400 се 12,78% домаќинства, од 400 до 500 киловати се 9,68% домаќинства, од 500 до 1000 киловати се 19,81% и над 1.000 кв/ч се приближно седум отсто. Просечна потрошувачка на едно домаќинство изнесува 410 киловати месечно.

О.К.