Партиите се согласиле дека треба нов Клинички центар, но не можат да се договорат каде – ММС
ММС

Објавено на: 05/16/22 2:44 PM

Партиите се согласиле дека треба нов Клинички центар, но не можат да се договорат каде

Познатата локација во Општина Ѓорче Петров, касарната Илинден, а како трета опција и местото каде сега има постоечка болница што би се надградила, се трите локации што се предмет на разговори за изградбата на новиот Клинички центар во Скопје. Ова го соопшти министерот за здравство Беким Сали, кој потврди политичка усогласеност дека треба да се гради нов комплекс, но се’ уште се усогласени за локацијата.

–Иницирав работна група и од опозиција и од позиција. Во политичкиот дел имаме усогласеност меѓу сите чинители во јавната расправа што сметам дека во минатото била главна пречка за нереализирање на тој проект. Засега можам да кажам дека начелно е надмината таа пречка. Меѓутоа, се уште не сме дојдени во фаза на локација, на износ, на содржина на таа клиника, на величина колку ќе биде, значи димензиите не ги знаеме се уште, а и локациите не ги знаеме сто отсто. Една од опциите е касарната „Илинден”. Три позиции се предмет на дискусија. Која од локациите ќе биде одредена тоа зависи прво, освен политичкиот дел што сметам дека не е главен, ќе биде во делот на катастарските услови – дали може да се гради и за колку би се градела, рече Сали.

Министерот за здравство смета дека најважно е да има политичко усогласување за проектот да продолжи. Иако ова е проект за кој се зборува и работи 17 години, Сали вели дека се’ уште не дошле до темата временско ограничување до кога мора да се усогласат.

-Тоа се сепак претставници од политички партии и внатрепартиски дискусии, можеби треба да се донесе една таква одлука, рече Сали.

Што ќе се случува со Законот за новиот Клинички центар, исто така е неизвесно, иако кажа дека „изгледа ќе биде повлечен“, но конечна одлука засега нема.