Потрагата по десетици исчезнати во масовниот одрон на тлото, предизвикан од тајфинот Мангхут, продолжува од страна на стотина спасувачи. Тајфунот кој ги зафати Филипините е одговорен за смртта на 81 лице.
Повеќето мртви и исчезнати се од северните области на Кордилера, вклучително и од најпогодената провинција Бенгет, каде поради одрон на земјиштето беше затрупано старото рударско место во Итогон.
Спасувачите со лопати и мотики копаат по калта во селото Укаб во општината Итогон, каде се случи најголемиот од петте одрони на земјиштето.
Повеќе од 236.000 жители се раселени поради тајфунот Мангхут, најсилен досега на Филипините оваа година, кој му наштети на земјоделството, а штетата се проценува на 270 милиони долари, соопшти Националната комисија за катастрофи.
Филипините во просек ги погодуваат 20 циклони секоја година, предизвикувајќи поплави, одрони на тлото и други несреќи.
Најсилниот тајфун во блиската историја беше тајфунот Хаијан, кој ја погоди земјата во ноември 2013 година, при што загинаа 6.300 лица, и беа раселени повеќе од четири милиони.