Во среда изминува рокот за преговарање меѓу СОНК и Владата, а за утре е закажана нова рунда на преговори. Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, рече дека ако не се постигне решение, законот и Колективниот договор предвидува само исплата на придонеси за деновите кога се штрајкуваше.
-Утре имаме повторно средба со претставниците на СОНК. Социјалниот дијалог ни продолжува. Се надевам дека утре ќе најдеме решение и ќе дојдат претставниците на СОНК со одредени предлог решенија, се’ со цел да се најде решение за платите на оние кои штрајкуваа. Согласно законот и постоечкиот Колективен договор, кој што е потпишан од МТСП и СОНК, платата за април ќе биде исплатена согласно законот, односно ќе бидат исплатени само придонеси, но ќе бараме решение за да со мајската плата или со јунската да бидат надоместени деновите кои што имаше штрајк и за оние негуватели, воспитувачи и помошниот персонал да бидат исплатени платите, изјави Тренчевска.
Во петокот заврши уште една средба, по која министерот за образование и наука, Јетон Шакири рече дека со синдикалците се доближуваат до решение за зголемување на платите.
-Ние имаме добра волја за изнаоѓање решение заради тоа што знаеме во која фаза бевме во процесот на донесување на буџет, во која фаза сме во подготовка на буџетот, во која фаза ќе сме во наредниот период после изнаоѓање на средствата на реализација на тој буџет. Мислам дека сме многу блиску за изнаоѓање решение за подобри услови. Не сакам да споменувам процент затоа што овој процес ќе биде подобар и наставниците ќе имаат подобри услови и после потпишување на гранските колективни договори. Сакам ова да е последен штрајк и прекин на наставата, што значи дека можеби во наредниот период ќе имаме потреба за други разговори, но прекин на настава да нема, изјави Шаќири (13.05.2022).