Забавување на економијата со раст на БДП од 2,9 проценти предвидува Народната банка (НБ) во најновите пролетни проекции што е надолна корекција за еден процентен поен во однос на октомвриските проекции за 2022 година. Инфлацијата се предвидува да биде 8,8 проценти во просек со очекување за постепена стабилизација до крајот на годината.
Гувернерката Анита Ангеловска Бежоска најави дека Народната банка внимателно ги следи состојбата во однос на инфлацијата и девизниот пазар и ги презема сите неопходни чекори.
Тековните согледувања за растот на македонската економија се понеповолни во однос на октомвриските оценки. Имено, и оваа, и следната година, се очекува побавен раст на македонската економија отколку во 2021 година. Се очекува економски раст од 2,9% во 2022 година, по што ќе следи раст од 3,6% во 2023 година. На среден рок, се очекува задржување на солидниот економски раст, со реална стапка од 4% во 2024 година (во согласност со октомвриските оценки).
Најновите проекции упатуваат на просечна инфлација од 8,8% во 2022 година, при очекувања за постепена стабилизација до крајот на годината. Неизвесноста во однос на идните движења на цените е исклучително висока, но согласно со проекциите на меѓународните финансиски институции, се оценува дека притисоците постепено ќе се стабилизираат кон крајот на годината, така што веќе во следната година се очекува значително забавување на ценовниот раст. Следствено, за 2023 година, се очекува забавување на стапката на инфлација по што би се свела на 3%. На среден рок, се очекува инфлација од околу 2%, во просек, во согласност со октомвриските очекувања.
Општо земено, најновите оцени за растот на македонската економија се понеповолни во однос на октомврискиот циклус проекции за оваа и за следната година, под влијание на војната во Украина и енергетската криза. Oцените се проследени со висока неизвесност, при што ризиците се надолни.Главен надолен извор на ризик во моментов претставува натамошната ескалација на воениот конфликт помеѓу Русија и Украина, воведувањето нови, построги санкции и евентуалното дополнително влошување на економските односи помеѓу Западот и Русија. Дополнителен фактор на ризик е и евентуалното посилно затегнување на монетарната политика во развиените земји, како одговор на зголемените инфлациски притисоци и инфлациските очекувања. Во исто време, и натаму постојат ризиците поврзани со понатамошниот тек на пандемијата и можноста за појава на нови, загрижувачки вирусни соеви. Народната банка постојано го следи развојот на настаните, како и потенцијалните ризици за домашната економија како од надворешното окружувањето, така и од домашните фактори, заради соодветна реакција преку приспособување на политиките и преземање други, дополнителни мерки, доколку е неопходнo.
извор: НБРСМ