Највисокото партиско тела на ВМРО ДПМНЕ вечер ќе одлучува за евентуални следни чекори, по четирите дена активна блокада на Собранието на РСМ. Извршниот комитет ќе ги анализира ефектите од досегашната блокада, а како што најавуваат високи партиски функционери, ќе се разговара за проширување на блокадата. Не се исклучува блокадата да се прошири на локално ниво, кај општините, кои во мнозинство се водени од градоначалници на опозициската партија. Услов за прекин на блокадата е закажување на лидерска средба.
„Сите опции се на маса и сето што го дозволува демократијата е на маса, но јас се уште се надевам дека во текот на утрешниот ден ќе се прифати барањето на ВМРО-ДПМНЕ за лидерска средба на која што ќе разговараме за клучните теми“, изјави Александар Николовски, потпретседател на ВМРО ДПМНЕ.
И лидерот Христијан Мицкоски во изјава за медиумите, најави дека денеска ќе се разговара за вториот и третиот чекор.
„Ова е стратегија која што ќе трае, јас не очекувам дека туку така ќе ја напуштат луѓето фотелјата која што ја држат. Бидејќи тие знаат дека никогаш повеќе во животот ќе немаат таква можност. И грчевито се борат небаре ова е последниот ден за сите нив. А, гледаат дека само народот е тој што губи, и ќе ја испорача народот сметката“, рече Мицкоски.
СДСМ и премиерот Димитар Ковачевски сметаат дека нема потреба од лидерска средба, ниту од предвремени избори, што би било тема на оваа лидерска средба.