Западен Балкан тема на заседанието на Советот за надворешни работи на ЕУ – ММС
ММС

Објавено на: 05/16/22 8:31 AM

Западен Балкан тема на заседанието на Советот за надворешни работи на ЕУ

Интеграцијата на државите од Западен Балкан и руската агресија врз Украина ќе бидат двете централни теми за кои ќе се разговара на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ. Конкретно, министрите ќе разговараат за секоја земја поединечно, потоа за можната поддршка и соработка, но и за степенот на усогласеност со политиката, акциите и санкциите на ЕУ.

– Советот прво ќе одржи стратешка дискусија за Западен Балкан, особено околу ангажманот на ЕУ за ублажување на влијанието на руската агресија врз Украина, а последователно министрите за надворешни работи на државите од ЕУ ќе имаат дискусија со министрите за надворешни работи на државите од Западен Балкан, информираат од Министерството за надворешни работи.

Пред оваа средба, ЕУ објави документ, каде се претставени начините како ЕУ да ја помогне и поддржи отпорнста на Западниот Балкан и да се решат последиците од „руската агресија врз Украина”.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска во Брисел ќе учествува на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ, на кој се поканети и шефовите на дипломатиите од западнобалканските земји.

На маргини на состанокот, министерот Османи ќе оствари средби со генералната секретарка на Европската комисија, Илзе Јухансоне, како и со други високи претставници во Европскиот совет.