Единаесетгодишно дете било дијагностицирано со рак на кожа на Клиниката за дерматологија, откако претходно доктор кој не е дерматолог го лечел со друга дијагноза.
Ова момче е дел од младата популација кај која сѐ почесто е присутен ракот на кожа, велат дерматолозите.
Со цел да се зголеми свеста за оваа болест во текот на мај се организираат кампањи во многу земји ширум светот, па ним им се придружи и нашата. Дерматолозите денеска алармираа дека кожата мора да биде заштитена и граѓаните веднаш да се јават на лекар доколку воочат некаква промена.
„Сонцето е докажан канцероген. Апелирам да користиме заштита од сонце, да превенираме рак на кожа и апелирам на што почести посети на дерматолог за да можеме заедно да ставиме крај на растечката инциденца на овие тумори. Македонија влегува во инциденцата 4+ ако ја гледате мапата на меланом во светот. Мораме да преземеме мерки. Инциденцата порано беше меѓу 2 и 3 проценти, веќе во голем дел од земјите е помеѓу 4 и 6 проценти. Македонија на мапата која е обележана влегува во овие земји. Ако порано сме гледале по еден меланом на неколку недели сега гледаме секоја недела и затоа треба да имаме прецизни податоци кои ќе може да ги користиме“, изјави денеска проф.д-р Андреј Петров, претседател на Здружението на дерматовенеролози кое денеска во Градски парк организира бесплатни прегледи за граѓаните.
„Тука до овој момент околу 200 граѓани поминаа на овие бесплатни дерматолошки прегледи каде се обединивме и од приватното и од државното здравство и ова е модел кој треба да го практикуваме во иднина. Мотото е да се заштитиме од сонцето“, додаде д-р Петров.
Директорката на Универзитетската Клиника за дерматологија, проф. д-р Сузана Николовска алармира дека инциденцата на кожниот рак е во пораст.
„Кожата е скапоцена за сите нас, меѓутоа треба да се придржуваме на тоа да уживаме на сонцето под сенка. Порано бевме земја со ниска преваленција на меланом којшто е најопасен карцином и со најлоша прогноза, но сега спаѓаме во таа средна група или 4+. Во минатото малку се обрнуваше внимание на заштитата од сонце и тоа не само кога се оди на одмор, туку и во секојдневните активности како што е земјоделието, меѓутоа и спорување надвор или работење во градина“, истакна д-р Николовска.
Николовска: Граѓаните да алармираат за секој промена на кожата
Таа рече дека на Клиниката за дерматологија уште пред 20 години е воведена неинвазивна дијагностика односно дерматоскопија, со цел рано откривање на кожниот рак.
„Мојата порака до сите луѓе е да превенираат, да знаат каков тип на кожа имаат и да користат соодветна заштита. Да алармираат секогаш кога ќе забележат некаква промена на кожата. Можеби после 50-та година се многу чести и за среќа најчесто се нормален знак за стареење на кожата. Кожниот карцином не боли, промените коишто се како ранички што не завршуваат, темно пигментирана промена, бемка која се променила по димензии или боја, промена која ве чешка…тоа се знаци кога треба да се јавите на дерматолог“, додаде директорката на Клиниката за дерматологија.
Таа нагласи дека во установата имаат и ФотоФајндер (FotoFinder) кој ја зголемува резолуцијата и им олеснува на докторите да бидат подобри.
„Тој апарат овозможува да ги следиме сите пациенти со висок ризик затоа што тој ги памети нивните бемки и со секое следно доаѓање ги споредува старите промени со тоа дали нешто ново се случило. Да уживаме во сонцето, но под сенка и со заштита“, потенцираше Николовска.
За разлика од други држави, кај нас вели таа, многу пациенти доаѓаат во доцна фаза. Според неа, дерматолозите сѐ почесто гледаат млади пациенти со рак на кожа.
„Гледаме сѐ повеќе млади, тоа е онаа популација која се сонча без заштита во тие часови кога сонцето е силно и повозрасната популација. Многу пациенти доаѓаат во доцна фаза. Во Австралија 90 проценти од меланомите се детектираат во прв стадиум и тие имаат нормален век на живеење. Во Европа е 80 проценти. Кај нас проблемот се согледува од некој страв кај луѓето бемките да не се чепкаат или одењето на други алтернативни опции“, изјави докторката.
Одговарајќи на новинарско прашање колку солариумот има влијание врз ваквата појава, таа рече дека во некои држави тој е забранет за малолетни лица и најави дека е можно со нејзините колеги да иницираат такви законски измени и кај нас.
Сонцето и генетиката како најголеми ризик фактори
Зборувајќи пак за ризик факторите, таа оцени дека сонцето е најголем виновник, но уште поголем е генетиката.
„Семејствата во коишто некој имал меланом кај нас се на следење доживотно, еднаш годишно или на 6 месеци ако процени дерматологот“, истакна Николовска денеска во Градски парк во рамките на настанот за бесплатни дерматолошки прегледи под мотото „Да се заштитиме од Сонцето, да спречиме рак на кожа!“.
Настанот се одржува со поддршка на Министерството за здравство, а заменик министерот Владимир Рендевски рече дека според статистичките податоци, еден од пет пациенти се детектира во подоцна фаза.
Ракот на кожата е меѓу најчестите и најоптоварувачките видови на рак во Европската Унија. Во 2020 година, на над 106.000 граѓани на ЕУ им бил дијагностициран меланом што го прави шести најчест вид на рак и една од дваесетте најчести причини за смрт од рак – се посочува во заедничката изјава на Европската академија на дерматовенеролози потпишана од претседателите на дерматолошките асоцијации од Европа, меѓу кои и од Здружението на дерматовенеролози на Македонија.
(В. Ми)