Кога ќе ви пружат рака, а не сте побарале, да знаете дека тоа било од медицинската сестра – Одбележан Денот на сестринството – ММС
ММС

Објавено на: 05/12/22 2:22 PM

Кога ќе ви пружат рака, а не сте побарале, да знаете дека тоа било од медицинската сестра – Одбележан Денот на сестринството

Ако една жена е убава сите ќе ја гледаат, ако е паметна сите ќе ја слушаат и почитуваат, ако е добра сите ќе ја сакаат, ако е сите три, таа е медицинска сестра. Со овие зборови претседателката на Унијата на здруженијата на медицински сестри, Гордана Бешлиовска им го честиташе на своите колешки Меѓународниот ден на медицинските сестри.  Таа рече дека сестринството е божествена професија бидејќи медицинските сестри ги има во сите пори, како во јавното, така и во приватното здравство.

„Многу е убаво денес да си медиицинска сестра. Кога ќе ви пружат рака, а тоа не било побарано, да знаете дека тоа било од медицинската сестра. Драги мои колешки, сите овие епитети да ги носите не е едноставно. Треба да бидете свесни што ние во нашата професија претставуваме и каква е нашата мисија. Во болниците постоиме за спречување на болестите, за унапредување на здравјето, превенцијата, рехабилитацијата и олеснувањето на маката“, порача Бешлиовска откако се поклони во знак на почит кон сите од оваа професија.

Според министерот за здравство Беким Сали, вештините и знаењата на сестрите се потребни за да се креираат политики за позадоволни пациенти.

„Во изминатите години беа реализирани активности со кои значително се подобрени условите за работа на медицинските сестри. Подготвен сум за здрави дебати, идеи и ваши предлог-решенија за надминување на предизвиците кои стојат исправено пред нас“, додаде Сали.

Тој потенцираше дека главен предизвик и понатаму останува одливот на медицинските кадри, нешто на што од Унијата укажаа и пред неколку дена. Оттаму побараа подостоинствени услови за работа и ново законско решение со кое ќе се регулира работата на медицинските сестри за да може проблемите да се решат на долг рок.

Денешниот настан беше организиран по повод 12-ти Мај (Меѓународниот ден на медицинските сестри) и во негови рамки постхумно беа одликувани шесте медицински сестри кои го загубија животот работејќи деноноќно во ковид центрите.

Во ковид центрите работеа за 12.000 денари, а потоа ги исфрлија на улица – Здружението „За нас“ бара нов закон за регулација на работата на медицинските сестри

(В. Ми)