Одлуката на вселенскиот патријарх Вартолмеј за признавање на Македонската православна црква – Охридска архиепископија како канонска е добар потег, зашто црквата и народот повеќе не се во изолација, но за добивање на автокефалност ќе мора да има договор со СПЦ, вели портпаролот на МПЦ-ОА, миторполитот Дебарско-кичевски и администратор Австралиско-сиднејски, Тимотеј.
– Ова е добар потег на Вселенската патријаршија или на г-дин Вартоломеј, како поглавар или патријарх вселенски. Тоа значи дека јерархијата и народот не се веќе во изолација, како што 55 години беше, туку може да сослужува рамноправно со останатите православни хиерарси низ целиот православен свет, според законот или прописот на Вселенската патријаршија. Но, прашање е дали сите православни цркви тоа ќе го примаат како релевантно или ќе имаат свои поинакви ставови и мислења, наведува митрополитот Тимотеј во интервју за Гласот на Америка.
За тоа кои се следните чекори до целосна автокефалност на МПЦ-ОА, тој посочува дека разговорите со СПЦ продолжуваат се додека не се постигне посакуваната цел, а тоа е автокефалност која ќе биде призната не само од една црква, туку од сите.
– Кога тоа ќе се случи, тогаш ќе ви кажеме. Според договор на сите православни цркви кои учествувале во Шембези близу Женева, каде Цариградската патријаршија има свој културен центар со учество на делегации на сите православни цркви е изграден став како може да се дојде до томос, односно до признавање на една автокефална црква и со тој договор треба најпрво да се согласи црквата од каде се излегува. Во случајот на МПЦ, хиерархија добиваме преку Српска православна црква. Значи треба СПЦ да предложи до останатите православни цркви, а потоа томосот да го потпишат заедно и српскиот и евентуално цариградскиот патријарх или цариградскиот и останатите. Но, кога ќе биди тоа, не зависи од нас. Ние се молиме и работиме на тоа, истакнува митрополитот Тимотеј.
Прашан што доколку СПЦ не се согласи, и дали вселенскиот патријарх има овластување сам да го потпише томосот, Тимотеј вели тоа може да го направи, но прашање е дали ќе биде валидно за сите православни цркви.
– Знаете дека во овој момент има голем судир помеѓу Москва и Цариград. Така да нема да го примат. Како што веќе има изјави од Москва и за ова решение на Цариград, дека тие тоа не го признаваат, а ние не сме заинтересирани да не бидеме признати од Москва. Сепак, тоа е најголема православна земја и најголем православен народ, изјави владиката Тимотеј.
За ставот на Руската православна црква, која се изјасни дека ги признава исклучиво правата на СПЦ во С Македонија, тој вели дека Москва си ги штити своите интереси визави Цариград, поради Украина.
– И тоа е легитимно нивно право. Дали јас се согласувам или не се согласувам тоа е друго прашање, додава митрополитит Дебарско-кичевски.
Реакциите од Бугарија, пак, дека тие биле единствени наследници на Охридската архиепископија, владиката Тимотеј ги оценува како „глупост, и ништо повеќе“.
МИА